Учениците во едно германско школо не смеат да одат во тоалет без одобрение

Учениците во едно германско школо не смеат да одат во тоалет без одобрение

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На учениците во училиштето „Роберт Јунгк“ во областа Хулс, Германија, не им е дозволено да го користат училишниот тоалет без дозвола. Причината е вандализам и продавање дрога во училишните тоалети.

Училишните тоалети се заклучени за време на наставата и кратките одмори од јуни годинава. Секој што сака да оди во тоалет мора да почека и тоа да го направи на една од долгите паузи или да покаже лекарско уверение за потребата да оди во тоалет надвор од паузата. Со оваа мерка беа опфатени околу 650 деца и млади.

Сè помасовните проблеми доведоа до забрана за користење на тоалетите.

- За многу кратко време тоалетите за момчиња беа опустошени до тој степен, што се оневозможи правилно и безбедно користење на овие простории. Разговорите со сите ученици досега не дадоа резултат - пишува управата на училиштето во писмо до родителите. Во писмото понатаму се наведува дека за време на часовите се пушело и во тоалетите за момчиња и за девојчиња, се правеле и се дистрибуирале неовластени видеоснимки и се продавала дрога.

Од тие причини, управата на училиштето одлучи да не ги остава тоалетите без надзор во текот на целиот училиштен ден.

За да се стави ситуацијата под контрола, пред летниот распуст полицијата редовно била присутна во училиштето. Според управата на училиштето, ова треба да го зајакне чувството на сигурност, особено кај учениците од пониските одделенија.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik