На Земјата ќе ѝ требаат 5 милиони години да создаде замена за изумрените цицачи

На Земјата ќе ѝ требаат 5 милиони години да создаде замена за изумрените цицачи

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето ќе предизвикаат исчезнување на толку многу цицачи во текот на следните 50 години, што еволутивниот диверзитет на планетата нема да закрепне во следните 3 до 5 милиони години, предупредуваат истражувачите.

Земјата можеби влегува во шестата фаза на масовно исчезнување - ера во која околината се менува толку многу, што многу животни и видови изумираат.

Од Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП) предвидуваат дека 99,9 отсто од критично загрозените видови и 67 отсто од загрозените видови ќе исчезнат во текот на следните 100 години.

Во претходните пет пати кога имало масовно исчезнување во текот на изминатите 450 милиони години виновни биле природните катастрофи. Но сега човековата активност е таа што ги убива цицачите.

Во студија објавена во списанието ПНАС научници од Универзитетот во Орхус, Данска, пресметале колку брзо се случуваат исчезнувањата и колку време ќе биде потребно еволуцијата да ја врати Земјата на нивото на биодиверзитет што го има сега.

Научниците заклучиле дека во најдобар случај на природата ќе ѝ бидат потребни три до пет милиони години за да се врати на нивото на биодиверзитет што го имаме денес на Земјата. За враќање на состојбата во која било животинското царство на Земјата пред развивањето на современиот човек би биле потребни пет до седум милиони години.

Еволуцијата е одбранбениот механизам на планетата против загубата на биодиверзитетот. Како што се менуваат живеалиштата и климата, така некои видови не успеваат да преживеат, односно изумираат и полека се појавуваат нови видови. Но, потребно е долго време за новите видови да ги пополнат празнините и тој процес е многу побавен од степенот на кој луѓето предизвикуваат исчезнување на цицачите.

За да ги направат пресметките, истражувачите од данскиот универзитет користеле база на податоци во која биле содржани постојните видови цицачи и цицачите што веќе исчезнале како што луѓето се ширеле низ планетата. Тие податоци ги искомбинирале со информации за исчезнувања кои се очекува да се случат во следните 50 години и употребиле напредни симулации на еволуцијата за да предвидат колку време ќе биде потребно за закрепнување.

Нивните процени се базираат на оптимистична претпоставка дека луѓето ќе престанат да ги уништуваат живеалиштата и да предизвикуваат изумирање на видови животни, а стапката на исчезнување ќе се намали. Но, дури и во најдобар случај, сè зависи од тоа колку брзо цицачите ќе почнат да закрепнуваат. Ако степенот на исчезнување не почне да опаѓа уште 20-100 години, веројатно уште видови ќе исчезнат и со тоа ќе биде предизвикана дополнителна загуба на диверзитетот.