Софија Лундберј, шведска писателска сензација: Сум го читала Јаневски, но треба да научам повеќе за македонската литература

Софија Лундберј, шведска писателска сензација: Сум го читала Јаневски, но треба да научам повеќе за македонската литература

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Шведската писателка и новинарка Софија Лундберј (1974) е гостинка на фестивалот на европска книжевност „Букстар“. Нејзиниот прв роман „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација. Објавен е на 34 јазици. Книжевната критика е восхитена од нејзината моќ да ги разоружа читателите и да ги однесе на патување низ времето и просторот, низ љубовта и загубата. Несомнено, таа е новата ѕвезда на скандинавската литература. На македонски јазик ѝ се објавени романите: „Дабот сè уште е тука“, „Црвениот адресар“ и „Прашалникот е половина срце“.

Првпат е во Македонија како гостинка на фестивалот „Букстар“, а за тоа пред патот ни рече: - Многу сум возбудена и многу среќна за поканата. Истражувањето на нови места е збогатување за душата. Ова е моја прва посета на Македонија и со нетрпение очекувам да ја видам вашата прекрасна земја.

Вашиот роман „Црвениот адресар“ е објавен во 34 земји, вклучувајќи ја и Македонија... Како се случи Вашата прва книга да стане литературна сензација?


- Посакувам да можам да одговорам на ова, но навистина немам поим. Сепак, многу сум благодарна за секој читател низ целиот свет. Во секој случај, не беше нешто што очекував да се случи. Уживам кога добивам пораки од моите читатели и многу сум среќна што гледам дека луѓето низ светот се многу слични, се изразуваат на сличен начин. Ова навистина е обединет свет кога станува збор за нештата што ни се важни, како што се семејството и љубовта.

Работите како новинар и сте поранешен уредник на списание. Кој беше моментот кога одлучивте да влезете во книжевните води? Дали отсекогаш сте сакале да пишувате?

- Да, отсекогаш сум сакала да пишувам. Сакав книги кога бев мало девојче, читав, читав и читав. Сѐ уште многу читам. Мислам дека почувствував дека сакам да станам писател кога имав околу шест години, и останав заглавена во тој сон. Но, многу е тешко да се стане писател, па морав многу да се борам. Работев со полно работно време и се обидував да пишувам навечер. Напишав многу страници што никогаш не беа објавени, морав многу да вежбам за да го пронајдам сопствениот глас.



Како новинарската кариера влијаеше врз Вашиот стил на пишување во литературата?


- Ми требаа многу години вежба на пишување. Мислам дека тоа ме направи подобра во пишувањето. И како новинар, исто така, учите да слушате и да набљудувате, а тоа се важни вештини и за еден писател. Патувањата, луѓето што ги среќавав, приказните што ги слушнав. Сето тоа беше инспирација.

Во „Црвениот адресар“ 96-годишната Дорис почнува да ги запишува своите сеќавања... Како животот на Вашата тетка го инспирира главниот лик во приказната? И дали навистина постои црвениот адресар?

- Адресарот навистина постоеше. Но, не беше црвен, беше кафен. Не знам каде е денес. Веројатно во кутија во куќата на моите родители. Многу ја сакав тетка ми. Таа ми беше многу важна и ме направи личноста што сум. Мислам дека ме инспирира целата таа љубов што ја чувствував кон неа. Таа беше алтруист, живееше за да ги направи другите луѓе среќни. Таквите луѓе се многу ретки денес.
Еден ден, откако почина, го најдов нејзиниот адресар. Таа, како мој главен лик во романот, за време на животот пречкртала многу од имињата и до нив напишала мртов. Тоа беше толку тажно. Ме натера да размислувам за осаменоста што сигурно ја чувствувала во последните години од животот. Беше многу емотивно да се размислува за тоа. Нејзиниот живот беше малку потивок отколку што е во книгата.

Што можеме да научиме од оваа приказна?
- Понекогаш љубовта е сѐ што ни треба.

Кога го правевте истражување за романот, имаше ли нешто што Ве изненади?

- Секогаш се изненадувам кога истражувам за моите книги. Учам многу за историјата. Многу сум внимателна, читам многу за временскиот период за кој пишувам, гледам фотографии. Се обидувам да добијам колку што е можно поверодостојни податоци.

Денес сме толку поврзани преку социјалните медиуми, а Вие пишувате за старомоден адресар. Што мислите за тоа?

- Мислам дека е важно луѓето да останат во контакт, секогаш, и да се потсетиме на оние што повеќе не се со нас. Загубив близок пријател пред неколку години и понекогаш го посетувам неговиот профил на „Фејсбук“. Утешно е што тој сѐ уште е таму. Дорис го гледала својот адресар за да памети, ние денес паметиме и се сеќаваме преку социјалните медиуми. Се работи за љубов.



Какви реакции добивте за книгата од читателите низ светот?

- Неверојатни реакции. И само добри зборови, зборови полни со љубов. Има толку многу љубезни луѓе таму некаде. Читателите ми кажуваат за своите најблиски на кои книгата ги натерала да помислат. Сетам дека тоа е убаво и уживам да ги слушам нивните приказни.

Имате ли омилени писатели? Дали знаете нешто за македонската литература?

- Сакам многу автори, многу книги и читам цело време. Тешко е да се изберат фаворити, не сакам да го правам тоа. Кога бев помлада, ги читав многу Тони Морисон, Пол Остер, Дона Тарт, но и автори како Виктор Иго и Оскар Вајлд и Достоевски. Последната книга што ја прочитав беше на Цици Дангарембга. Беше многу добра. Сум ја читала поезијата на Славко Јаневски, но треба да научам повеќе за македонската литература. Сакам да читам на шведски, а тешко е да се најдат преводи од македонската книжевност на шведски.

Дали пишувате нешто деновиве?
- Да, јас секогаш пишувам. Ќе умрам ако не го правам тоа. Работам на нов роман.