Можна е вакцина против рак до 2030 година
Вакцините против рак би можеле да се развијат до 2030 година, според кажувањата на коосновачите на германската фармацевтска компанија „Бајонтек“ – Угур Шахин и Озлем Тиречи.
Сопружниците Шахин и Тиречи велат дека направиле пробив што им влева надеж и за вакцина за рак во наредниве години. Според проф. Тиречи, методологијата со РНК може да се пренасочи во зајакнување на имунолошкиот систем и напаѓање на клетките на ракот, следејќи го истиот принцип како кај коронавирусот.
„Бајонтек“ веќе работеше на РНК-вакцини против ракот и пред пандемијата, но потоа компанијата го префрли својот фокус на создавање ковид-вакцини.
Германската компанија се надева дека ќе може да развие третмани за рак на дебелото црево, кожата и некои други видови рак, но постојат големи пречки во тоа. Имено, клетките на ракот што создаваат тумор може да се полнат со широк спектар од различни протеини, што го отежнува создавањето вакцина која ќе ги таргетира сите канцерогени клетки.
Извор: МИА