Младите музичарки Лина Николеска, Антица Николоска и Ана Кузманоска ќе настапат на престижниот фестивал „Златна лира“ во Скопје

Младите музичарки Лина Николеска, Антица Николоска и Ана Кузманоска ќе настапат на престижниот фестивал „Златна лира“ во Скопје

Клавирското трио од Охрид, составено од Лина Николеска на виолина од класата на проф. Христина Пецакова Николеска, Антица Николоска на виолина од класата на проф. Мухамед Бајрам и Ана Кузманоска на пијано од класата на проф. Ана Ѓоргиоска, ќе настапи со сопствен концерт на престижниот музички фестивал „Златна лира“.

Правото на настап на овој реномиран фестивал нашите млади музичари го добија на покана на Сојузот на музички уметници на Македонија, по освоената прва награда на годинашниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“, кој се одржа во црквата „Св. Софија“ во Охрид.



Концертот ќе се одржи в недела, 20 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Музејот на револуционерната борба во Скопје.
Фестивалот „Златна лира“ важи за престижен и реномиран фестивал на кој учество земаат исклучителни уметници, кои настапуваат со самостојни концерти. Во програмата за оваа година се вметнати врвни инструменталисти и оперски пеjачи, меѓу кои се и нашите млади и талентирани музичарки. Оваа привилегија да ја делат сцената со најголемите имиња од македонската класична музичка сцена претставува голем успех и можност да се стекнат со огромно искуство што ќе им користи во нивното понатaмошно музичко образование и кариера.



Ана, Лина и Антица годинава настапија и на меѓународниот фестивал Тартини во Пиран, Словенија, на кој освоија висока втора награда. Тие се вистински претставници на културно-музичкиот живот на Охрид и наши музички амбасадори низ светот.