Популарен лек за дијабетес би можел да реши голем број болести и да го забави стареењето

Популарен лек за дијабетес би можел да реши голем број болести и да го забави стареењето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите веруваат дека лекот кој се користи за лекување дијабетес тип 2 и дебелина може да го забави процесот на стареење. „Семаглутид“, попознат како „оземпик“, има далекосежни придобивки што го надминуваат она што првично го замислувавме, смета професорот Харлан Крумхолц од „Јејл“.

Според истражувањата, овој лек би можел да се користи за лекување голем број болести поврзани со срцева слабост, артритис, Алцхајмерова болест, па дури и рак.

- Не би ме изненадило ако подобрувањето на здравјето на луѓето на овој начин  го забави процесот на стареење - вели Крумхолц.

Новите наоди се објавени во многу медицински списанија, вклучувајќи го и Журналот на Американскиот колеџ за кардиологија, кој го уредува професорот Крумхолц.

- Овие револуционерни лекови се подготвени да ја променат грижата за кардиоваскуларниот систем и може драматично да го подобрат кардиоваскуларното здравје - изјави Крумхолц.

Студиите, кои се дел од испитувањето на компанијата „Ново Нордиск“, следеле повеќе од 17.600 луѓе на возраст над 45 години кои примале 2,4 милиграми „семаглутид“ или плацебо повеќе од три години. Учесниците биле дебели или со прекумерна тежина и имале кардиоваскуларни болести, но не и дијабетес. Луѓето што го користеле лекот за слабеење имале исто толку шанси да заболат од ковид, но со помала веројатност да починат од него; 2,6 отсто имало починати кај оние на „семаглутид“ во споредба со 3,1 отсто кои биле на плацебо.

Лекот постојано го намалувал ризикот од негативни кардиоваскуларни исходи без оглед на полот. Исто така, ги подобрил симптомите на срцева слабост и ги намалил нивоата на воспаление во телото, без оглед на тоа дали лицето изгубило тежина или не.

Д-р Бенџамин Сцирика, водечки автор на една од студиите и професор по кардиоваскуларна медицина на „Харвард“, вели дека наодите потврдуваат оти прекумерната тежина и дебелината го зголемуваат ризикот од смрт. Сепак, ова може да се измени со силни терапии базирани на инкретини како што е семаглутид, додал тој.

Овој лек се добива со рецепт и го намалува апетитот. Се продава под брендовите „вегови“ – за третман на дебелина – и „оземпик“ за дијабетес. Доаѓа во форма на инјектирање и го имитира хормонот ГЛП-1, поради што луѓето се чувствуваат сити.

Експертите претходно предупредија дека тоа не е брз лек или замена за здрава исхрана и вежбање, и дека треба да се користи само под медицински надзор. Како и секој лек, може да се појават несакани ефекти и ризици, од кои најчести се гадење, надуеност и гасови.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik