Овие змии можат да скокаат, а научниците сакаат да откријат зошто

Овие змии можат да скокаат, а научниците сакаат да откријат зошто

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како животни без раце и нозе, змиите што живеат на дрвја навистина можат да се снајдат.

Многу видови се движат од гранка до гранка користејќи го она што е познато како „премостување“: влекачот ја проширува предната половина од своето тело во воздухот сè додека не дојде во контакт со нешто доволно големо за да ја издржи неговата тежина.

Петте вида таканаречени летачки змии од родот Chrysopelea, кои ги има во Азија, имаат уште подобар трик: тие можат да ги израмнат телата во воздух и да се излизгаат низ дрвјата како летачки верверици.

Сега постојат докази дека австралиските змии од родот Dendrelaphis, кои се поврзани со Chrysopelea, можат да скокаат.

Откако нејзиниот советник успеал да сними скок на змија во дивината во 2010 година, Мишел Грахам, истражувач на Националното географско општество и кандидат за докторанд, многу се заинтересирала.

Желна да дознае повеќе, Грахам отпатувала во Австралија, каде што привремено фатила неколку Dendrelaphis и ги натерала да се однесуваат онака како што се однесуваат, но во лабораториски експеримент.

Истражувајќи како се движат змиите низ нивната околина, научниците добиле поголем увид во разновидноста на движењето на животните, што има импликации за тоа како би можеле да се развијат овие бизарни однесувања.

змии
Фото: National Geographic


Повеќето од нас го земаат здраво за готово живеењето во дводимензионален свет. Во голема мера, кога ќе направите чекор напред, сметате дека земјата ќе ја задржи вашата нога. Но, за животните што живеат на врвот на дрвјата, светот е исклучително неповрзано место. Птиците се движат низ овој 3Д-простор со летање. Мајмуните се нишаат по гранките. Но, сите овие однесувања се поврзани со екстремитети што им недостигаат на змиите.

- Она што е интересно за овие змии е нивната способност да ги прават сите овие интересни движења без екстремитетите - вели Грахам.

Се разбира, да се натераат дивите животни да ги извршуваат овие однесувања во сала не била лесна задача. Првата змија што Грахам ја фатила била голема женка која воопшто не била заинтересирана за ова скокачко однесување. Но, нејзината упорност се исплатела и откако собрала неколку змии од сите облици и големини, Грахам била во можност да потврди дека змиите од родот Dendrelaphis навистина можат да скокаат.

Сега, откако Грахам потврди дека овие змии можат да скокаат, сака да открие зошто го прават тоа. Некои научници претпоставуваат дека скокањето и лизгањето им штеди време и енергија на змиите, верверичките и гуштерите, но не постојат придружни емпириски студии што го докажуваат ова.

- Да се биде првиот човек што го проучува ваквото однесување, значи дека навистина го знаете контекстот во кој змијата го прави ова - вели Грахам. - Дали скокањето е бегство? Дали е вообичаено транспортно однесување? Дали е нешто што го прават онака?