Ризикот од заразување со коронавирусот е најголем на овие локации

Ризикот од заразување со коронавирусот е најголем на овие локации

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи од Универзитетот „Стенфорд“ и други институции анализирале анонимни податоци од 98 милиони луѓе за нивното движење во 10 најголеми градови во САД.

Првичните откритија покажуваат дека најголем ризик за заразување со коронавирусот има во јавниот превоз, рестораните што работат со полн капацитет, фитнес-салите, хотелите, кафулињата, религиозните организации и рестораните со ограничен капацитет.

Истражувачите користеле податоци од мобилни апликации за движење за да го предвидат ширењето на коронавирусот. Според нив, мал број „настани“ или собири стојат зад поголемиот број од случаите на заразени лица од Ковид-19. Освен тоа, тие велат дека ограничувањето на капацитетот во рестораните и на другите места е поефикасен метод отколку ограничувањето на движењето на граѓаните.


Фото: Pixabay

Истражувачите додаваат и дека коронавирусот се шири повеќе помеѓу загрозените групи кои не може да го ограничат своето движење и затоа се во контакт со повеќе луѓе. Згора на тоа, луѓето што имаат помали приходи имаат поголем ризик од заразување. Анализата покажала дека тие луѓе почесто оделе во продавница и таму останувале подолго време во споредба со луѓето со повисоки приходи.

Некои од препораките на истражувачите се да им се помогне на загрозените граѓани да се заштитат со построги мерки во поглед на капацитетите, поставување центри за итна дистрибуција на храна и обезбедување бесплатно тестирање во населбите во кои има голем број заразени лица.

Автор: Кајла Ривас
Извор: foxnews.com