Лу Гашевски дизајнира за „Крајслер“: Најголема награда ми е кога ќе видам дека мој цртеж се вози на улица
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Речиси 15 години сум со компанијата и низ сите победи и турбулентни времиња забавата не престанала, вели дизајнерот на автомобили Лу Гашевски
Повеќето момчиња обожаваат да цртаат и да си играат со автомобили. Некои од нив од мали сонуваат еден ден да направат вистински автомобили. Тоа не е приказната на Лу Гашевски (некогаш Љупчо), кој сосема случајно го засакал дизајнирањето автомобили, а веќе 15 години е еден од дизајнерите за Fiat Chrysler Automobile (некогашен „Дајмлер Крајслер“).
Автомобил со кој многу се гордее - 2008 Dodge Zeo Electric
Во „Лазар Личеноски“ добив јака основа
Пред да се преселат во Детроит во 1998 година, Гашевски, по потекло од Куманово, бил ученик на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ до трета година, каде што вели дека добил многу силна основа за уметноста, за која сè уште смета дека е вредна.
- Во текот на двете години во ова училиште учев графички дизајн и принт-мејкинг, но секогаш ме интригираше одделот за вајарство. Силната заднина во графичкиот дизајн и мојата желба за правење глинени скулптури беа совршена комбинација на техники за користење и проучување како кариерни дисциплини. Мојата љубов кон дизајнот на автомобили како избор за кариера не беше типична, како што повеќето дизајнери на западната хемисфера би имале. Таму децата од мали нозе се изложени на автомобили со гламурозни концепти на локални и интернационални автошоуа или имаат пријатели или роднини во автомобилската индустрија - појаснува тој.
Љубовта кон дизајнот на автомобили кај него почнала да се развива кога неговиот професор по уметност во последната година во средното образование одвел група млади уметници во посета на Колеџот за креативни студии во Детроит, светски познат колеџ за дизајн на превозни средства.
Лу Гашевски
- Ми беше фасцинантно да ги гледам постарите студенти како цртаат/дизајнираат и вајаат скулптури од нивните дизајни за автомобили и се сеќавам дека занемев и го апсорбирав целиот процес, почнувајќи од брз цртеж што се претвора во целосна визуализација до реален изглед, интерпретацијата на идните технологии испреплетени со модерна графика и дури и сместување луѓе во прекрасно извајани форми кои треба да се движат со големи брзини. Зарем тоа не е прекрасно?! – се потсетува дизајнерот.
Компетитивна средина
Многу бргу му било јасно дека негов избор за студии ќе биде токму овој колеџ. Тоа му била најтешката фаза од развојот како дизајнер.
- Сфатив дека сум под огромен притисок, со многу поставени рокови и особено компетитивна околина со индивидуалци истомисленици од цел свет кои се натпреваруваа за истите можности за работа во автоиндустријата. Брзо сфатив дека талентот за креации не беше доволен и дека мораше да владеам многу повеќе дисциплини во процесот на автомобилскиот дизајн (скица, визуализација, дизајн на амбалажа, човечки фактори, материјали, изградба на модели, презентација и многу друго) пред да ме земат предвид лидерите на автомобилската индустрија за некое од нивните студија. Беше тешко, но ги имавме вистинските инструменти и лидери од индустријата што нè поддржуваа на целото патување - објаснува дизајнерот.
Признава дека последната година од студирањето му била најзабавна. Веќе имал развиено ниво на вештини, знаел како да ги комбинира креативноста и истражувањето со бизнис-реалноста за да создаде атрактивна презентација за водачите на оваа индустрија, кои барале идни таленти.
- Како што споменав порано, креативниот талент не е доволен, бев среќен што го имав Ралф Џилс (во моментов главен за глобалниот дизајн на FCA – Fiat Chrysler Automobiles, како и Лоренс ван ден Акер - актуелен шеф на одделот за дизајн на „Рено“), кој во тоа време беше спонзориран ментор во „Форд мотор компани“. Во последната година многу научив од нивниот конструктивен критицизам и техники на дизајн, што ми отворија можности за интервју во: „Дајмлер Крајслер“, „Нисан“, „Форд“ и „Џенерал моторс“. Со оглед на тоа дека четири големи автомобилски компании беа заинтересирани, имав измешани емоции, од скромност, голема возбуда, нервоза, збунетост... ми беше чест да се сретнам со лидерите за дизајн на сите компании. Како и да е, завршив како дел од тимот на „Крајслер“ зашто ми се допаѓаше што имаа европска врска („Мерцедес“). Тие ги имаа најдобрите концептуални автомобили (возила со кои се промовира нов стајлинг или технологија и се прикажуваат на саеми за да се увиди реакцијата на публиката и дали ќе се премине во масовна продукција, н.з) во тоа време, а најмногу ми се допаѓаше културата на компанијата во која се чувствувате како семејство - вели Гашевски.
Оваа индустрија воопшто не е едноставна, вели нашиот креативец.
- Дизајнот на автомобилите е круг кој никогаш не завршува и бара огромен напор, останување во канцеларија до доцна навечер, бара многу енергија, фокус, константна иновација, мултитаскинг, но кога ќе го видите вашиот цртеж, вашата идеја како се вози на улица, добивате чувство на исполнетост и остварување. Речиси 15 години сум со компанијата и низ сите победи и турбулентни времиња забавата не престанала.
Дизајн на еден автомобил се развива неколку години
Два продукциски проекти или возила што му биле најголем предизвик низ годините се: 2008 Dodge Zeo Electric - концептуално возило и 2011-2012 Chrysler 300 и SRT верзија. Вели дека имајќи можност да работи на неколку продукциски проекти и концептуални автомобили (екстериер и ентериер), најзабавно му било кога за проектот имале соодветно време за развој и кога повеќе луѓе работат кон истата цел. Токму Chrysler 300 SRT и тој вози, но негова следна желба е Jeep Grand Cherokee Limited.
Го замоливме да ни објасни како тече процесот на носење одлука за тоа дали ќе се избере еден или друг дизајн на автомобил и дали ќе заврши како финален производ.
- Генерално, процесот на дизајнирање трае повеќе години. Постојат неколку фази на дизајн, но вообичаено почнува со бизнис-случај поддржан од идеи за скици понудени од повеќе дизајнери. Забележливите идеи подоцна се приспособуваат во реална амбалажа и тука е моментот кога уметноста се среќава со реалноста и каде што се прават компромиси. Нешто што може да почне да од цртеж на салфетка поминува низ многу мануелни и дигитални процеси се дури не биде одобрено за производство од менаџерскиот тим на компанијата.