Ангела Маџирова има 17 години и свири на клавир, гитара, укулеле, пее, а има и своја композиција за соло-пијано со тема од „Сербез Донка“
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност
Ангела Маџирова има 17 години и веќе има своја композиција за соло-пијано со тема од народната македонска песна „Сербез Донка“. Таа свири на клавир, гитара, укулеле, пее, компонира, а во иднина се гледа како класична пијанистка и поп-рок пејачка.
Ангела потекнува од Богданци. Таа е редовен ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје и вонреден ученик во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ - Штип. Ангела е редовен член во женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, а исто така ја посетува Академијата за естрадно пеење „Ѕвездички“. Свири на клавир од седумгодишна возраст и членува во Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ веќе осум години.
- Од неодамна свирам на гитара и укулеле и во секој момент сум опкружена со музика, без разлика дали тоа е слушање, свирење, пеење… Не би можела да кажам дека сум ориентирана кон само еден жанр, меѓутоа, генерално во иднина се гледам како класична пијанистка и поп-рок пејачка - вели таа.
Ангела нема издадено авторски песни, но има напишано неколку.
- Инспирирана сум најчесто од лични, но и од туѓи искуства; хипотетички размислувам што и како би се случило и оттаму произлегуваат делата. Имам напишано своја композиција за соло-пијано со тема од народната македонска песна „Сербез Донка“, а во моментот компонирам и други дела во класичен стил врз основа на македонската традиционална музика - истакнува младата музичарка.
Иако сè уште не го завршила ни средното образование, Ангела досега имала голем број настапи, меѓу кои и солистичкиот концерт на Васил Гарванлиев во Струмица, каде што настапувала со хорот „Св. Злата Мегленска“, учеството на овогодишниот фестивал „Три дена култура“ во организација на Art House Karev, кој поради пандемијата се одржа виртуелно, и мини-концертот на Бош фестивал во септември годинава. Има учествувано на многубројни настапи, концерти и фестивали низ Европа како дел од ФА „Мегдан“. Секако, тука се и концертите и рециталите на кои учествувала како дел од Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија.
Оваа талентирана средношколка е вљубена во класичната музика, а мотивацијата ја црпи од можноста преку музиката да допре до луѓето.
- Секогаш се стремам да го извлечам најдоброто од себе и од другите и да успеам да го остварам тоа што сум си го поставила како цел. Сакам да продолжам да ја негувам класичната музика и да ја претставам нејзината убавина на младите. Најголема мотивација ми е љубовта кон музиката и способноста на музиката да допре до луѓето на начин на кој ништо друго не може. Доколку мојата музика и интерпретација предизвика некаква емоција, сметам дека сум ја исполнила целта - вели Ангела.
Според неа, приоритет за успех на сцената е квалитетната музика, но важни се и настапите.
- Сметам дека добра и квалитетна музика е приоритетна за значаен успех, како и поддршка од публиката. Од големо значење е и активното присуство на социјалните мрежи и медиумите. Секако, врз пробивот влијае и изложувањето на сцената - концерти, настапи и добра промоција, но најважни од сѐ е - што поголеми цели, желба, упорност и амбиција - заклучува Ангела.
Фото: Боки Марков