Тивката болест што е тројно посмртоносна од Ковид-19
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дијабетесот е тивка болест која одзема 4,2 милиони животи низ светот годишно. Со тоа таа е тројно посмртоносна од Ковид-19. Експертите предупредуваат дека 1 во 10 луѓе ќе има дијабетес до 2045 година.
Се проценува дека околу 463 милиони луѓе низ светот живеат со
дијабетес, а се очекува овој број да се зголеми на над 700 милиони до 2045 година, покажуваат нови податоци од Меѓународната федерација за дијабетес. Болеста е една од 10. најголеми причини за смрт на глобално ниво.
Најголем процент на жители што живеат со дијабетес имаат Кина, САД и Индија. Во секоја од овие земји живеат над 30 милиони луѓе кои се заболени од болеста. Бројот на заболени брзо расте и во Супсахарска Африка, каде што се очекува бројот на заболени да порасне за 143% до 2045 година.
Бројот на луѓе со дијабетес на Блискиот Исток и во Северна Африка се очекува да порасне за 96% во истиот период, а во Југоисточна Азија се очекува зголемување за 74%.
Дијабетесот е сериозна долгорочна состојба што се јавува кога телото не може да произведе доволно инсулин или не може ефикасно да го користи инсулинот што го произведува. Ова доведува до хипергликемија, во која прекумерното ниво на шеќер во крвта може да предизвика посериозни здравствени проблеми.
Има два вида дијабетес, а оној од тип 1 не може да се спречи бидејќи се јавува како автоимуна реакција. Меѓутоа, околу 90% од луѓето со дијабетес го имаат типот 2, кој се поврзува со дебелина и стареење и може да нема симптоми на почетокот.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека бројот на случаи се зголемил речиси четирикратно од 1980 година. Во 2000 г. во светот имало 151 милион луѓе со болеста.
Подобрената дијагноза е една причина за зголемување на случаите, но Меѓународната федерација за дијабетес вели дека половина од случаите на дијабетес тип 2 не се дијагностицираат. Клучни фактори за зголемување на случаите се зголемувањето на богатството и пристапот до нездрава храна.
Светот потрошил 760 милијарди долари за работи поврзани со дијабетесот, а оваа сума се очекува да стигне 825 милијарди долари до 2030 година и 845 милијарди долари до 2045 година.
Од СЗО велат дека едноставните тестови за гликоза во крвта може да ги подобрат шансите за дијагноза и да го намалат оштетувањето на органите, што е чест резултат на недијагностицираниот дијабетес.
Автор: Даглас Брум
Извор:
weforum.org