Во Јапонија „Ода на радоста“ традиционално ја изведуваат 10.000 пејачи за Нова година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Заграден зад бодликавите жици, правливиот логор на јапонскиот зелен остров се чини чудно место за пеење. Но, во сенката на Првата светска војна, прекрасната изведба на Деветтата симфонија на Бетовен толку го воодушеви јапонскиот народ, што се роди традиција која сè уште се практикува за Нова година.
Секој декември стотици концерти со пораката за мир, надеж и радост на Деветтата симфонија се одржуваат низ цела Јапонија, во места како трговски центри и центри на заедниците.
Најсаканиот и најочекуваниот концерт е „Синтори 10.000“ во салата во Осака, каде што учествуваат 10.000 пејачи - и аматери и професионалци.
- Јапонскиот народ ткае социјална и музичка врска со Деветтата симфонија. За нив, пеењето на „Ода на радоста“ е поврзување - вели диригентот Џефри Бернштајн.
Необичната приказна за тоа како една европска композиција стана есенцијалната празнична мелодија на Јапонија почнала пред стотици години во Германија. Но, во време кога пандемијата ги прекина сите групни пеења, дали ова е крај на владеењето на оваа песна во Азија?
Европски корени за радосна симфонија
Бетовен бил роден во декември 1770 година во Бон, стар германски град покрај реката Рајна. Се преселил во Виена во 1972 година за да студира кај главниот класичен композитор Франц Јозеф Хајдн. Додека живеел во Виена, Бетовен направил огромен напредок во својата кариера, настапувајќи во театри и концертни сали. Но, неговиот личен живот и не бил толку добар.
- Тој имал лошо здравје во текот на целиот живот. Сакал да најде љубов, но не успеал. Сакал семејство, но немал. Бил еден од најголемите манипулатори со звукот, а го изгубил слухот - вели авторот и режисер Кери Кандел, чиј филм го документирал глобалното влијание на последната симфонија на Бетовен.
Некои научници теоретизираат дека на Бетовен му бил потребен цел живот да ја напише Деветтата симфонија, која ја завршил пред неговата смрт во 1827 година.
Иако песната била популарна во Европа, во Азија почнала да се изведува еден век подоцна - на неверојатно место. За време на Првата светска војна, Јапонија се здружила со Велика Британија и заробила непријателски трупи од кинескиот остров Кингдао, окупиран од Германија. Околу 1.000 германски војници биле пренесени во Наруто, мал град во префектурата Ибараки.
Во логорот во Наруто, командантот ги охрабрувал заробените војници да учествуваат во активности како водење продавници, објавување весници и свирење музика. На 1 јуни 1918 година, германскиот војник Херман Хансен го предводел оркестарот Токушима со 45 члена користејќи делумно рачно изработени инструменти, како и хор од 80 мажи кои ја изведувале „Ода на радоста“. Богатиот политичар Јоришада Токугава слушнал за концертот и го посетил логорот неколку месеци подоцна.
Јапонскиот чуден однос со Германија продолжил и во текот на Втората светска војна, но продолжила и заедничката љубов кон Бетовен. Во декември 1943 година, на церемонијата за дипломците од Универзитетот во Токио, подготвени да одат во војна, била изведена „Ода на радоста“. За време на војната, јапонските империјалисти ја користеле „Ода на радоста“ за промовирање на национализмот.
- Од првиот пат кога била изведена во 1824 година, „Ода на радоста“ станала толку важно парче музика што многу движења и поединци се приврзале за неа. Најинтересно е тоа што Хитлер барал да му се изведе оваа мелодија за неговиот роденден. Тој сметал дека е ариевска музика, што е чудно кога ќе размислите за стиховите што ги има во „Ода на радоста“.
По Втората светска војна, за време на окупацијата од САД, традиционалната јапонска музика била цензурирана. Забранети биле филмови поврзани со војната, но Бетовен ја избегнал цензурата.
Иако логорот одамна го нема, постојат остатоци од културната размена што се случила во Наруто пред повеќе од еден век. Денес, туристите можат да купат растенија во саксии и германски колбаси од станицата наречена „Дом на Деветтата симфонија“, изградена од делови и материјали од затворските касарни.
Континуирана страст кон музиката
Низ годините, ентузијазмот за „Ода на радоста“ продолжил. Во 1983 година, 10.000 луѓе ја пееле „Ода на радоста“ на германски јазик, на концерт во чест на изградбата на салата Осака-Јо во Осака. Во текот на наредните години илјадници аматери и професионалци од цела Јапонија и други земји се собирале во салата за да го одбележат крајот на годината.
За некои Јапонци, пеењето на „Ода на радоста“ е начин да се поврзат со човештвото.
- Веруваме дека пеењето со луѓе од различна културна припадност ни помага да научиме да прифаќаме различности и да го промовираме мирот во светот - вели Тошијаки Камеи, поранешен градоначалник на Наруто и директор на Здружението на хорови.
Додека светските војни, фашизмот и комунизмот не можеа да ја „замолчат“ „Ода на радоста“, сегашната пандемија претставува пречка за групно пеење. Настапот и изведбата во декември 2020 година, на 250. роденден на Бетовен би имал уште поголемо значење. Беа планирани многу фестивали, изложби и концерти во знак на сеќавање на неговиот живот и дело. Но, поради пандемијата, обожавателите на Бетовен мораа да смислат како да ја одржат оваа празнична традиција без да им биде загрозено здравјето.
Во март, кога поголемиот дел од Европа беше под строга блокада, музичарите и граѓаните во Италија и Германија ја пееја „Ода на радоста“ од нивните балкони и дворови. Во Јапонија, „Синтори 10.000“ одржа неверојатен концерт на 6 декември во кој беа вклучени 1.000 пејачи и публика од 1.000 луѓе - со безбедносни мерки, физичко дистанцирање и пластични штитови за уста. Им се придружија 9.000 други учесници онлајн, кои пееја од нивните домови.
Организаторите не сакаат глобалната криза да ја уништи прославата за 250. роденден на Бетовен, па ги продолжија свеченостите до средината на септември 2021 година.
Во меѓувреме, дури и без прослава, „Ода на радоста“ на Бетовен живее и понатаму.
- Ова парче потекнува од пенкалото на Бетовен пред стотици години и буквално го обиколи светот и вклучи многу луѓе. Пораката е толку хуманистичка. Во текстот се вели дека еден ден сите луѓе ќе се однесуваат како браќа и сестри едни кон други - вели Бернштајн.
Извор:
National Geographic
Фото: Screenshot/YouTube