Компанија им плаќа на вработените да излезат на романтичен состанок
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кинеска компанија одлучи да ги мотивира своите вработени да излегуваат на љубовни состаноци преку парични награди, за да го зголеми нивното задоволство и чувството за припадност на работното место.
Станува збор за компанијата „Инста360“, технолошка компанија од Шенжен. На вработените им нуди околу 8 евра за секој валиден пост на одредена интернет-платформа преку кој ќе претстави слободна личност надвор од компанијата. Доколку преку платформата се реализира успешен романтичен состанок и доколку врската трае најмалку три месеци, двете личности во врската, како и личноста што ги споила, добиваат по околу 130 евра.
Претставник на компанијата изјави дека целта на иницијативата е да се зголеми чувството на припадност и општа среќа кај вработените. Од почетокот на кампањата, на форумот на компанијата се објавени речиси 500 објави, а досега се платени околу 1.300 евра како награда за споделување информации за слободни лица.
Со оглед на тоа што кампањата беше лансирана пред помалку од три месеци, нема доделено бонуси за врски.
Реакциите се различни. И додека некои вработени се шегуваат, други се прашуваат дали парите се вистинскиот начин да се поттикне љубовта. Но, не се сите воодушевени. Едно лице се противи на ваквите иницијативи велејќи дека љубовта не треба да се мери со пари.
Идејата доаѓа во време кога Кина се соочува со значителен пад на бројот на браковите и наталитетот. Официјалните податоци покажуваат дека во првите три квартали од 2024 година се регистрирани само 4,74 милиони бракови, што е за 16,6 отсто помалку во споредба со истиот период лани, кога биле забележани 5,69 милиони бракови.
И наталитетот е на рекордно ниско ниво. Во 2023 година имало 6,39 раѓања на 1.000 луѓе, што е намалување од 6,77 раѓања во 2022 година. Овие загрижувачки трендови предизвикуваат реакции кај политичарите. Во октомври, провинцијата Шанкси воведе нова политика која им нуди околу 130 евра на паровите што го регистрираат својот прв брак, под услов жената да е помлада од 35 години. Сепак, оваа мерка предизвика негативни реакции бидејќи жените го изразија своето незадоволство на социјалните мрежи.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Freepik