Научниците стравуваат: Нешто чудно се случува со морето!

Научниците стравуваат: Нешто чудно се случува со морето!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Арктички Океан
(Фото: Pixabay)


Климатските промени и забрзаното топење на мразот го зголемуваат нивото на водата во океаните, а морското дно се деформира. Универзитетот „Делфт“ во Холандија објави истражување во кое се тврди дека морското дно толку се деформирало, што сите мерења на порастот на нивото на морето во изминатите две децении всушност се целосно погрешни.

Растот на морето го следат сателитите, но не се во можност да ги регистрираат промените на морското дно. Кога ќе се земат предвид незамисливо големата количина и волуменот на водата, пресметано е како сателитите „промашиле“ дури дополнителни осум проценти пораст на нивото на морето.

Оваа голема редистрибуција на масата не е единствениот фактор што влијае врз преобликувањето на океанското дно. Покрај топењето на мразот, треба да се земе предвид и топлинското растегање на водата, како и процентот на сол во водата.

Балансот не е нарушен на ист начин насекаде на планетата. Додека се топи мразот, еден дел од кората, посебно на северната хемисфера, „се извива“ нанадвор, додека на јужната хемисфера „пропаѓа“.

Голем дел од редистрибуцијата на масата на површината е предизвикан од топењето на Гренланд и глечерските региони што го опкружуваат Арктичкиот Океан.

Кога сè ќе се земе предвид, се чини дека нивото на морето годишно расте дополнителни 0,1 милиметри, што претходно не беше пресметано во проекцијата.

Потиснувањето надолу на дното на секој океан не е занемарлива работа, а се чини дека со текот на времето уште повеќе ќе се влоши. Да се пресметаат промените, исто така не е едноставно, а тимот што работеше на истражувањето на повеќе начини пресметуваше колку мраз од копното „влегува“ во океаните. За тоа користел низа компјутерски модели на виртуелен океан.

– Со цел точно да го пресметаме растот на морското ниво, мораме да ја земеме предвид деформацијата на океанското дно - напишаа во трудот.

Редистрибуцијата на водите влијае и врз Земјината ротација, поради што Северниот Пол полека „се приближува“ кон Велика Британија.