Знаци што откриваат запоставеност во детството

Знаци што откриваат запоставеност во детството

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Детето потпрено на прозорец со тажен израз
(Фото: Pixabay)


Се работи за рана фиксација која настанува кога не се задоволуваат емоционалните потреби на детето на возраст од првите неколку месеци до втората година од животот. Бидејќи фазата на симбиоза со мајката за детето носи многу предизвици, луѓето со ваква фиксација не го искусиле толку важното телесно-психолошко чувство на сигурност, чувство дека имаат право едноставно да се тука, такви какви што се, да впиваат грижа и љубов без да мора да направат што било за да го заслужат тоа. Оние што биле задоволени во тој стадиум веројатно нема точно да знаат за какво чувство станува збор, но оние што ја немале таквата „среќа“ веднаш ќе го препознаат – целото нивно битие го покренува стремежот да се спојат со некого за повторно да го почувствуваат „изгубениот рај“ на слеаност со мајката.

Како и прерано собрано јаболко, така и луѓето со орална фиксација растат без природно созревање, и така еден дел од нив секогаш останува „детски гладен“ за некој што ќе го негува, ќе го згрижи, ќе го сака и поддржува.

Првиот тип луѓе со ваква фиксација ја порекнуваат својата потреба: „Ништо не ми треба“, „Можам и сам/а“. За себе негуваат слика дека се независни, одговорни личности со силна волја. Кога ќе стапат во контакт со себе, чувствуваат колку копнееле по топла утеха, олеснување и ослободување во прегратките на друг човек, но се срамат од тоа и не го покажуваат. Еден од начините посредно да ја задоволат својата потреба е да им бидат на располагање на другите токму на начин на кој и ним им е потребно. Нема да се штедат – ќе се даваат несебично и посветено, со многу разбирање и љубов. Така ќе добијат дел од поврзаноста и вниманието што им е потребно, но затоа ќе се исцрпуваат, затоа што даваат многу, не барајќи ништо за возврат, а и кога ќе го добијат тоа – не знаат како да го примат. И така сè додека не се „скршат“. А потоа паѓаат во својата дупка од очај, болка и горчина. Вака таквите личности во себе го потврдуваат своето основно уверување – дека не е безбедно да се отворат и да го покажат најдлабокото од својата душа пред друг, бидејќи – другите ќе заминат, а ним ќе им останат само срамот и болната длабока празнина.

Порекнувањето на сопствените потреби и решителноста да не бараат ништо се единствениот начин на кој функционираат во светот каде што не можат да бидат задоволени нивните потреби. Во своите врски не се отвораат и не се препуштаат докрај бидејќи суштински имаат многу малку доверба во другите. Зад сето тоа се крие страв од симбиоза – дека ќе се „залепат“ за друг и ќе се изгубат себеси или, пак, другиот може да ги напушти.

Вториот тип луѓе со орална фиксација го водат својот живот видливо вртејќи се околу обидите другите луѓе емотивно да ги згрижат и да им ги задоволат потребите. Очајнички се лепат за други луѓе, но чувството со кое се соочуваат најчесто е очај – затоа што никогаш и ништо не им е доволно. Во врските се емоционално зависни, склони кон симбиоза, изгледаат беспомошно и бараат од другите постојано внимание – но дупката што ја чувствуваат во себе не може да се пополни. Пополнувањето на таа „дупка“ станува нивниот најважен животен двигател. Се обидуваат „спасот“ да го најдат во другите, но кога ќе се разочараат, поминуваат на други начини: преку зависност од храна, алкохол, цигари, дрога, лекови, секс...

Како деца не биле непосакувани, но родителите не можеле да им се посветат на вистинскиот начин во најраните месеци од животот. Мајката (или примарниот старател) донекаде била топла и грижлива, но или временски (поради работа, бременост, брачни проблеми) или емоционално (депресија, сопствена орална фиксација) не била доволно достапна за детето. Родителите (главно несвесно) го поттикнувале детето на побрзо осамостојување и грижа за себе – таквите деца честопати проодуваат и проговоруваат побрзо, си играат сами, успешни се на училиште, така што генерално околу нив немало многу работа и посветеност.

Ваквите лица ги карактеризира суштинска емоционална нестабилност – некогаш се добри, силната волја им помага да функционираат и да се држат „силно“. А потоа се трошат и паѓаат во состојба на пасивност, немоќ, депресија, зависност, безволност, како да го изгубиле компасот во животот. Тие многу тешко ги прифаќаат разделбите. Во голема мера можат да го блокираат гневот, кој сепак им избива како огорченост, критикување и иритација. Своите потреби ќе ги изразуваат жалејќи се, барајќи и обвинувајќи ги другите, а често и самите себе. Лутината ја свртуваат кон себе и со тоа го засилуваат депресивниот афект. Длабокото чувство на болка поради сите разочарувања обично не е свесно и проживеано, иако умеат и да плачат – но тоа сепак се површински празнења. Кај нив е изразен стравот од напуштање, одбивање, отфрлање...

Раните повреди се тешки за луѓето што ги носат во себе, но кога ќе станат свесни за нив, им носат прекрасно олеснување: можност на навистина длабок и исцелувачки начин да им се посветат на другите, чувствувајќи ги нивните потреби и очекувања,  доживувајќи радост во давањето и споделувањето, уживајќи во моментите на блискост и целосно препуштање на друго битие. Овие лица имаат моќна интуиција, големо и отворено срце и се залагаат за хумани цели.

Автор: Тамара Видовиќ, телесен психотерапевт