На секој ученик треба да му се даде можност да учи на начинот што најмногу му одговара. Во секој од нас се крие гениј и образованието треба да биде насочено кон тоа тој гениј да биде откриен, вели Златко Каров, професор во гимназијата „Курт Николајн“ во Норчепинг
Благодарение на неговиот ангажман, околу 450 ученици и професори од Македонија и од Шведска низ различни проекти размениле искуства во последните неколку години. Повеќе од две децении Златко Каров живее во шведскиот град Норчепинг, каде што предава во Индустриско-техничката програма на гимназијата „Курт Николајн“.
Со него разговаравме за повеќе теми за образованието во двете земји.
Златко Каров
Завршивте машински техничар во средното училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци, а потоа образованието го продолживте во шведскиот град Норчапинг, каде што веќе сте професор во средно училиште. Откријте ни повеќе за Вас, како Ве однесе патот до Скандинавија?
- Во 1994 година се преселив со мојата сопруга, која е родена и порасната во Шведска. Веднаш почнав со изучувањето на шведскиот јазик. Почнав да го надградувам моето стручно образование, а во 1997 година првпат се вработив во индустриските компании во Норчепинг. Во меѓувреме изучував курсеви кои ми беа потребни во кариерата. По 12 години во индустриите добив работа како стручен професор во Индустриско-техничката програма во гимназијата „Курт Николајн“, каде што работам и денес. Предавам Организација и лидерство, Индустриско-технички процеси, Филозофија на производството, Компјутерски управувани машини, Техничка механика, CAD. Моментално сме во процес на соработка со заводот за школство и изготвуваме нов предмет кој ќе ги опфати новите методи на современо производство. Инаку, покрај предавање, одговорен сум за интернационализацијата во гимназијата, како и 3Д-технологијата што значи употреба на 3Д-сканери, печатачи и софтвери итн. Во 2009 година за запишав и на Факултетот за стручна подготовка. Две години подоцна завршив со студиите и ми беше понудено да преминам во Природно-техничката програма во истата гимназија. Пред пет години моја ученичка ме покани да работам на проект што подразбираше соработка помеѓу две училишта – едно шведско, друго странско.
По моја препорака тоа беше „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци. По првата посета, на која присуствуваа ученици од сите наши насоки, но и нашиот директор Андерш Содергрен, беше решено сите наши меѓународни соработки што ги имавме дотогаш со европските држави да бидат пренасочени кон Македонија. Управниот одбор на гимназијата одлучи да донира две CNC-машини во „Брко“ со цел да им се даде можност на учениците во ова училиште да се стекнат со современо искуство кое се бара на работниот пазар. Годината потоа беше донирана и опрема за безжичен интернет во школото. Оттогаш, па до денес сме соработувале со повеќе училишта, како „Добри Даскалов“ од Кавадарци, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Д-р Панче Караѓозов“, „Здравко Цветковски“, сите од Скопје, како и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, и повеќе од 450 ученици и професори ја посетија земјата. Исто и кај нас, во Шведска, имавме посета од ученици од „Корчагин“ и од „Добри Даскалов“.
Македонски ученици и професори во посета на Шведска
Скандинавија, особено Шведска, во многу работи е светлосни години оддалечена од нас, и како култура и менталитет, а богами и во образовниот систем. Што од новото го прифативте со леснотија и дали има работи што сѐ уште не можете да ги прифатите?
- Би рекол дека не беше баш лесно да се смени животната средина. Нов јазик, нов менталитет, но бев упорен и се справив со сето тоа. Прифатив сѐ што е добро и среќен сум со тоа. Работата ме направи да гледам многу поинаку на работите и на луѓето. Во Шведска живеат луѓе од целиот свет, различни раси, религии, различна сексуална припадност, различна партиска припадност и, нормално, ги прифаќам сите еднакво. Благодарение на евтините летови, често патувам до Македонија и го правам тоа што тука го нема. Главно дружење со роднини и пријатели, но во последно време и новостекнати колеги во Македонија.
Може ли да ни го доближите шведското образование?
- Како и секаде во светот, така и во Шведска образованието има потреба од промени и е всушност во промени. Делови од образованието се градени пред 200 години, кога луѓето се едуцирале за да го сретнат индустријализмот. Денес е друго време, дигитална ера, време на услуги, претприемаштво. Ова бара нова компетентност, и, нормално, нов начин на едукација. Целта на образованието во Шведска е да се вклучат сите во овој заеднички проект. Се оди кон тоа да се индивидуализира наставата, така што, на пример, една лекција се предава прво пред цел клас, а потоа се прават варијации за секој ученик. Катедра-наставата полека исчезнува и се работи главно со проектна форма. Тука мора да се спомене и дека многу школи, универзитети имаат тесна соработка со фирми и институции во државата. На овој начин се гледа и напред во иднината и се согледуваат потребите за образование и образовен кадар.
Какво е местото на просветниот работник таму? Дали е почитуван и соодветно платен?
- Местото на просветниот работник е речиси како и на сите други во светот. Не носи со себе некој висок статус, нормално тоа важи и за Шведска. Нема врска што си по занимање, сите чекаат во ист ред, било во банка било на лекар. Што се однесува до платата, има драстична разлика помеѓу сега и пред пет години. Во последните пет години се инвестира во учителот (тука секој е учител, нема посебни називи како наставник, професор итн.) делумно во условите за работа, а нормално и во платата. Не е воопшто чудно некој да добил околу 10.000 круни (1000 евра) повеќе за споменатиот период. Но, платата, би рекол, не е најважното во оваа професија, за мене, на пример, е многу поважно да ми е интересно на работа и да уживам во тоа што го правам. Да се работи со млади луѓе е привилегија.
Македонското знаме во гимназијата „Курт Николај“
Дека корените не се забораваат, покажува и соработката со двете гимназии од Кавадарци. Кои беа впечатоците на Вашите колеги кога ја посетија Македонија?
- Приемот буквално од сите беше извонреден. И директорот и учениците беа восхитени од сето доживување. Лично бев пресреќен кога ги гледав како уживаа во природата, храната, но најмногу кога се дружеа со македонските ученици. Ме израдува фактот дека нивото на познавање и користење на англискиот јазик во Македонија е на многу повисоко ниво споредено со пред 25 години. По овие импресии на шведските ученици и директорот, Македонија стана дестинација број 1. До 2012 посетувавме други држави во Европа, но оттогаш досега Македонија е земјата што привлекува со гостопримливоста на граѓаните, пред сѐ, со своите природни богатства, култура, клима и нормално, ниските цени. Би можел да зборувам до бескрај за сите прекрасни доживувања. Во последните пет години повеќе од 450 шведски ученици и персонал ја имаат посетено Македонија, во периоди од една до три седмици, но патувањата е планирано да продолжат и во иднина.
Учебници со сомнителен квалитет, преголем обем на часови, малку практична работа, а премногу податоци… ова се само дел од најгорливите проблеми во нашето образование. Што би ги советувале македонските стручњаци за образование?
- Во текот на последните години се запознав со многу прекрасни луѓе во Македонија, главно од светот на образованието. Ја разбирам загриженоста кај многумина, но би ги охрабрил моите колеги дека е нормално да се биде загрижен кога доаѓаат промени. Исто е и во Шведска. На пример, имаше многу голема загриженост во врска со новиот наставен план што стапи во сила во 2011 година. Истовремено се смени и системот на оценување од тристепен на петтостепен. Нормално е и да се критикува и да се стават под знак прашалник сите нејасности, но тоа не треба да нѐ спречи да бидеме конструктивни и да одиме напред. Образованието како и науката е жива материја, постојано се менува и треба да се менува, зашто и ние самите се менуваме. Една таква промена, на пример, е гимназијата каде што работам, по дилеми околу кој учебник по англиски е подобар или не е добар се дојде до тоа воопшто да не се користи учебник. Учениците ги користат сите методи за да се стекнат со знаење, дали е тоа книга, интернет, магазини итн., тоа е неважно за учителот, единствено е важен резултатот. Овој начин на работа беше критикуван од сите страни, но неколку години подоцна сфативме дека функционира. Ова е, всушност, тоа за што зборував погоре - на секој ученик му се дава можност да учи на тој начин што најмногу му одговара.
Подобри ученици веќе имаме, мораме само да им дадеме можност да ни покажат дека знаат. Да ги бодриме и да ги јакнеме во нивните јаки страни, а не да ги критикуваме само за она во кое се помалку добри. Во секој од нас се крие гениј и образованието треба да биде насочено кон тоа тој гениј да биде откриен.