Повеќе од половина Швајцарци не поседуваат имот, еве зошто

Повеќе од половина Швајцарци не поседуваат имот, еве зошто

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

швајцарија

Верувале или не, граѓаните на Романија поседуваат најмногу недвижности во Европа. Веднаш зад нив се Литванија и Хрватска, каде што повеќе од 90 отсто од граѓаните живеат во сопствена удобност. На другиот крај се наоѓа Швајцарија, каде што помалку од 50 отсто од граѓаните имаат свој дом.

Според последните податоци од „Евростат“, Романија има најголем број сопственици на недвижен имот во Европа. Во втората по ред најсиромашна членка на ЕУ (по Бугарија), дури 96,6 отсто од граѓаните живеат во сопствен имот.

На второ место е Литванија со 92,3 отсто, а Хрватска е на трето место, каде што 92,1 отсто од граѓаните поседуваат сопствен стан или куќа.

Повеќето луѓе во Швајцарија живеат во стан/куќа под кирија, а само 43,8 отсто имаат сопствен имот. Во просек 70,9 отсто од граѓаните на ЕУ поседуваат недвижен имот.

Значително под просекот се Германија (53,4 отсто) и Австрија (57,5 отсто), додека високо се пласирани Италија (72,9 отсто) и Шпанија (82,7 отсто).

Податоците од „Евросат“ покажуваат сосема поинаков однос кон сопственоста на недвижен имот, што е често одраз на историските околности. На пример, во Германија, и покрај високиот стандард, граѓаните не се склони кон купување станови бидејќи по Втората светска војна голем дел од семејствата ги изгубиле своите домови. Така, колективниот менталитет на Германците не ја поврзува сопственоста на имотот со нешто особено значајно. Од друга страна, во Германија е развиена широката понуда на недвижности за изнајмување, со поволни финансиски услови.

Ситуацијата е сосема различна во поранешните комунистички држави, во кои повеќето семејства поседуваат станови што претходно им биле доделени, а изнајмувањето на недвижности е лошо регулирано.