Трагичната приказна на најпаметниот човек во историјата
На секоја листа со најпаметни луѓе се наоѓаат гении кои на светската јавност ѝ се познати поради големиот успех и откритијата што го менувале човештвото. Меѓутоа, на врвот на листата се наоѓа човек кој е прилично непознат, а неговото име е Вилијам Џејмс Сидис.
фото извор: Wikipedia
Овој Американец со украинско потекло е роден во 1898 година, па уште како дете покажувал извонредни математички и јазични способности. По неговата смрт во јавноста се појавиле информации дека се работи за најбрилијантниот пример кој човечкиот вид некогаш го имал, односно дека неговиот коефициент на интелигенција бил проценет некаде помеѓу 250 и 300.
Во неговиот случај и гените си ја завршиле својата работа, со оглед на тоа дека и двајцата родители биле образовани и успешни во академска смисла. Љубовта кон учењето на странските јазици ја наследил од својот татко Борис, кој важел за извонреден полиглот. Наводно, кога имал само 18 месеци, читал „Њујорк тајмс“. Зборувал 8 јазици уште кога имал 8 години. Дури и измислил сопствен јазик, кој го нарекол вендергуд. Имал 11 години кога се запишал на „Харвард“, а неколку месеци подоцна држел предавања од областа на напредната математика. Сидис имал способност да наведе кој ден бил од кој било датум во историјата.
Објавил многубројни трудови од областа на антропологијата, филологијата, социологијата, психологијата, термодинамиката и многу други подрачја. Како возрасен човек зборувал повеќе од 40 јазици, но никогаш не забележал значителен животен успех. Имал само 46 години кога починал како последица од мозочен удар, а многумина се сомневаат во цифрите од неговиот коефициент на интелигенција бидејќи е изгубена секаква материјална трага од неговите тестирања.