Разговаравме со наши студенти во Словенија, прочитајте повеќе за субвенцијата „Студентски оброк“

Разговаравме со наши студенти во Словенија, прочитајте повеќе за субвенцијата „Студентски оброк“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Словенија е единствената европска земја во Европа што има студентски систем на купони. Тоа значи дека за 2,5 евра студент може да јаде солиден ручек во некој локал во Марибор или Љубљана, стои на интернет-страницата на Универзитетот во Марибор. По примерот на повеќе од десетгодишното искуство на оваа земја, и Македонија најави дека ќе го спроведе проектот „Студентски оброк“.


Страницата на која студентите во Словенија се информираат за попустите

Факултети.мк разговараше со две студентки во Словенија и ги замоливме да ни објаснат како кај нив функционира оваа субвенција.
- Студентите во Љубљана многу ја користат оваа субвенција. Следуваат два оброка на ден кои можат да се користат со тоа што најчесто се плаќа оброк по половина од цената. На пример, ако оброк во „Мекдоналдс“ има редовна цена од 5 евра, студентот ќе плати само 2 евра. Студентот има право на два оброка, кои мора да ги искористи во растојание од четири часа. Тоа важи секој ден од 8 до 21 часот – вели Васка С., студентка на Економскиот факултет во Љубљана.

Таа објаснува дека во периодот од 15 јули до 15 август студентите немаат право на субвенции, но доколку останале неискористени оброци, тие може да се потрошат и по 15 август.
- Регистрацијата е секој октомври со потврда од факултет. На мобилен може да следиш во кои места имаш попусти. Се отчитува чија е картичката и колку поволности би имал. Со студентска легитимација се потврдува идентитетот. Имаме и субвенција за градски превоз и за железница, што е различна од оваа легитимација – објаснува Васка.


Интересно е што за студентки кои се мајки следува попуст и за оброк за децата. Студентка по медицина во Марибор од Неготино исто така е презадоволна од помошта што ја добива на ваков начин во земјата каде што студира.
- Баш ми е мило што и во Македонија ќе се имплементира проект што веќе долго време супер функционира во Словенија. Поголем дел од рестораните во Словенија имаат склучено договор со државата за субвенционирани оброци наменeти за студентите. Рестораните имаат креирано посебно студентско мени (истото се состои од предјадење - супа, салата, главно јадење и десерт), кое несубвенционирано чини 5-6 евра. Една државна субвенција има вредност во висина од 2,63 евра, што значи за еден студентски оброк е потребно да доплатиш само 2,50-3 евра. Постојат и посебни помали пицерии и сендвичарници каде што бесплатно, односно за само една субвенција добиваш салата, сендвич и овошје за десерт – вели Марија Т.

На еден студент во Словенија месечно му следуваат 21 субвенција (секој работен ден по една субвенција/оброк). Плаќањето се врши преку мобилен телефон (вртиме 1808 на посебен апарат кој го имаат сите ресторани во Словенија што имаат склучено договор за субвенционирана прехрана), објаснува студентката.
Кои други поволности ги имаат студентите, покрај оваа субвенција?

- Студентите имаат можност за субвенционирани карти за воз и автобус. Бесплатно до крајот на студиите со приложување на студентска картичка имаат достапност до сите библиотеки во Словенија. На тој начин на располагање ги имаат речиси сите книги што им се потребни во текот на студиите. Со приложување на студентската картичка имаат и попусти на влезници во најразлични институции (кино, театар, базен, фитнес, музеј...). Преку посебни студентски сервиси студентите можат брзо и лесно да најдат привремена „студентска работа“ (работиш кога си послободен, т.е. за викенди или кога немаш поголеми обврски на факултет) – вели македонската студентка по медицина, која нагласува дека, сепак, најдобра придобивка за студентите во Словенија се бесплатните студии.