Најпопуларниот предмет во историјата на Универзитетот Јеил
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Предмет на кој студентите учат за среќата стана најпопуларен предмет во историјата на американскиот универзитет Јеил, еден од најдобрите во светот.
Од Јеил соопштуваат дека предметот е воведен неодамна, а веќе има 1.200 запишани студенти, односно четвртина од студентите на додипломски студии од овој универзитет. Тие наведуваат дека ова е најпопуларен предмет во историјата на овој американски универзитет, долга 316 години.
Уписот на предметот за среќа бил толку висок што на крајот одлучиле настава да одржуваат во повисоката просторија што инаку служи за организирање симфониски настапи.
Наставата по предметот наречен „Психологија и убав живот“, што го предава професорката Лори Сантос, се одржува двапати неделно. Главната цел на предметот е на студентите да им се претстават начините и методите како да водат посреќен живот, но и сами да придонесат за изградба на подобар и посреќен свет.
Алана Мајнез, една од студентките запишана на предметот, вели дека многу студенти го избрале баш овој предмет бидејќи сметаат дека ќе им помогне да бидат посреќни.
„Во реалноста, многу од нас се нетрпеливи, нервозни и несреќни. Фактот дека владее толкав интерес за овој предмет всушност зборува за тоа како денес се чувствуваат повеќето студенти. Со овој предмет сакаме да се фокусираме на нашата работа, следните чекори и успеси“, вели таа.
Професорката Сантос истакнала дека е изненадена од големиот број на студенти што ќе го посетуваат нејзиниот предмет.
„Очигледно студентите сакаат да се променат и да бидат посреќни“, вели таа, изразувајќи надеж дека предметот ќе им помогне на студентите да научат многу за значењето на среќата во човечкиот живот како и за тоа како да водат посреќен живот.
Таа додала дека поради големиот
интерес на студентите, морала да ангажира дури 24 асистенти кои ќе ѝ помогаат во одржувањето на наставата.