Љубовната приказна на Десанка Максимовиќ е потрогателна од нејзината поезија

Љубовната приказна на Десанка Максимовиќ е потрогателна од нејзината поезија

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Десанка Максимовиќ
(Фото: Wikipedia)


Прочуената поетеса Десанка Максимовиќ почина на 11 февруари 1993 година, а зад себе остави многу песни и импресивни поетски збирки, но малкумина знаат за љубовта на нејзиниот живот.

На прославата на нејзиниот 94. роденден, една година пред нејзината смрт, ја посети новинарот на српски НИН,  Борислав Гајиќ. Таа со него зборувала за нејзината прва и единствена љубов – Сергеј Сластиков Калужанин.

По студиите на Филозофскиот факултет, каде што студирала книжевност и историја на уметност, Десанка добила стипендија од француската влада и во 1923 година заминала за Париз. Таму била професорка во Првата женска гимназија, а својот сопруг го запознала како веќе профилирана поетеса.

„Ме повикаа Русите во нивниот клуб да одржам предавање и да прочитам неколку свои песни. Тогаш го запознав Сергеј. Дали тоа беше љубов на прв поглед? Веројатно! Но, сигурно, мојата прва љубов и првиот маж со кој се бакнав. Веќе бев зрела девојка. Подоцна се зближивме. На Сергеј му објаснив дека треба да почекаме поради моите наследени должности што треба да ги исполнам. Беше благороден човек и ме сфати. Трпеливо го чекаше денот кога најпосле се венчавме и основавме свој дом“, објаснила Максимовиќ.

Во 1933 година се омажила за Сергеј. Тој бил руски емигрант. Како млад кадет во текот на Првата светска војна бил заробен од Турците, но успеал да стигне во Белград. По венчавката завршил актерска школа, по што добил понуда да настапува во Скопскиот театар. Но, поради обврската на Десанка да работи во Белград, ја одбил понудата.

„Се вработи во издавачката куќа ’Просвета‘ како преведувач од руски јазик. Во текот на својот живот преведе 14 книги. Пишуваше и песни за деца, потпишувајќи се како ’Калужанин‘. Беше родум од Калуга, шумска област близу Москва“, истакнала Максимовиќ.

Никогаш не зажалила затоа што немале потомство. Како прво дете во своето семејство, таа се грижела за многу браќа и сестри сè додека не станале свои луѓе. Така и го одживеала чувството за мајчинство.

„Подоцна, во бракот, мојот креативен труд целосно ме исполнуваше. Кога ќе напишев една песна, чувствував како да сум родила три деца. Толку многу се трошев себеси. Целосно се предавав“, раскажала тогаш Десанка Максимовиќ.

Сергеј починал во 1976 година. Погребани се еден до друг.