Среќна Баба Марта! Јапонци плетеа мартинки во Токио
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Се гордеам со македонската амбасада во Јапонија. Нѝ се обратија да им доставиме материјал за презентација, бидејќи беа дел од еден голем настан во Токио со кои се промовираат мартинките - нематеријално културно наследство на УНЕСКО, вели Василка Димитровска, директор на Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“
Амбасадорката Андријана Цветковиќ активно учествува во процесот
Јапонци со црвени и бели волнени конци плетеа мартинки на собирот кој викендов го организираше македонската амбасада во Јапонија во Меѓународниот центар за уметност Токио (IAC). Обичајот да се плетат мартинки и да се носат како украси во месецот кога пристигнува пролетта. Културните практики поврзани со 1. март станаа дел од светското културно наследство откако беа запишани на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Бидејќи обичаите се практикуваат во повеќе земји, предметот го подготвија Македонија, Бугарија, Молдавија и Романија.
Промоцијата на ова културно наследство го организираа нашата амбасада во соработка со амбасадите на останатите три земји и Меѓународниот центар за уметност – Токио.
- Присутните можеа да ги проследат презентациите на дипломатските мисии, учествуваа во работилници за изработка на мартинки, се запознаа со промотивните штандови на четирите земји, слушаа традиционална музика и уживаа во органскиот чај и колачи од споменатите земји – вели Андријана Цветковиќ, нашата амбасадорка во Јапонија.
Кусо предавање за значењето на мартинките
Обичајот познат како „Баба Марта“ подразбира размена и носење на нараквици и брошеви изработени од волнени црвено-бели конци познати. Кај нас се познати како мартинки, во Бугарија како мартеница, а во Молдавија како martisor. Овие културни практики се пренесуваат од антички времиња, а се поздравува и слави доаѓањето на пролетта. Главната практика се состои во подготовка, размена и носење на мартинка што се закачува на дрво или се става по камен при здогледувањето на првиот штрк, ластовичка или расцутено дрво. Во античките времиња носењето на мартинка се сметало дека дава симболична заштита од опасности како лошо време, како и дека обезбедувала безбеден премин од зима во пролет за поединци, групи и заедници.
Василка Димитровска: амбасада која може да послужи за пример
Обичајот со мартинките во нашата земја веќе неколку години го промовира Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“. Така и годинава во трговскиот центар „Рамстор мол“ се одржа манифестацијата „Среќна Баба Марта 2018“, а беа изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и од Романија.
Василка Димитровска, директор на „Хаемус“ вели дека мартинките се дел од културниот идентитет на македонскиот народ, но и дел од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа.
- Македонскиот дел од мултинационалната апликација во УНЕСКО, меѓу другото, се темели и на поддршката која во писмена форма ја даде тимот на „Хаемус“. Се гордеам со македонската амбасада во Јапонија. Нѝ се обратија да им доставиме материјал за презентација, бидејќи беа дел од еден голем настан во Токио со кои се промовираат мартинките - нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Честитки за успешната промоција на нашето наследство и амбасада која може да послужи за пример. Не верував дека ќе доживеам да видам Јапонци како прават мартинки – сподели Димитровска на социјалната мрежа Фејсбук.
Манифестацијата во Токио ја организираа три земји
Во Скопје манифестацијата „Среќна Баба Марта 2018“ ќе биде отворена до недела. Постановката е збогатена и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца. Во дел од активностите на манифестација се вклучи и издавачката куќа „Арс Ламина“ со изработка на изданија за деца со наслов „Мартинки: конци, плетки и црвено-бели сплетки“, како и со креативни работилници преку едукативниот центар „Арс Ламина“ и книжарниците Литература.мк.