Како е да се живее 30 години сам на остров?

Како е да се живее 30 години сам на остров?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

ostrov
Фото: Mauro Morandi

Мауро Моранди со децении е единствениот жител на Будели, Италија.

Во 1989 година Мауро Моранди отпловил од Галиполи, Алулија, Јужна Италија, со цел да стигне до Полинезија. „Ми беше смачено од општеството. Сонував за пуст остров во Пацификот, некаде каде што ќе започнам нов живот“, вели тој.

Неколку дена по заминувањето, тој слетлал во Будели, близу италијанскиот архипелаг Мадалена, во теснецот Бонифацио помеѓу Сардинија и Корзика. „Имаше многу туристи, така што помислив дека можам да заработам шетајќи ги по островите. Ѝ должев пари на банката“, вели тој.

Во тоа време Будели бил во сопственост на фирма за недвижности која вработила чувар заедно со неговата сопруга да го надгледуваат. Моранди се запознал со брачниот пар и ги прашал дали може тој да се грижи за островот. „Ми рече дека неговата сопруга не го сака ваквиот животен стил. Мене ми се допаѓа“, вели тој.

2

Неколку дена подоцна ја добил работата. Оттогаш тој живее и работи во Будели, како единствениот официјален чувар. Но оваа негова негувана автономија се соочува со криза. „Две години го немам напуштени Будели бидејќи не сум сигурен дека ќе ми дозволат да се вратам“, вели тој.

Пред започнувањето на спорот, Моранди ја прекинувал изолацијата двапати годишно - за да ги посети своите ќерки во централна Италија. Бидејќи бил легално вработен, сопственикот бил уверен дека Моранди ќе се врати. Но во 2011 година островот бил ставен на продажба. Тогаш почнала неволјата. Две години подоцна островот бил купен, меѓутоа, подоцна бил преземен од владата, која еден дел од него претворила во национален парк. „Сега живеам во состојба на неизвесност. Островот е во сопственост на националниот парк Ла Мадалена и можат да ме исфрлат во секое време“, вели тој.

Немал вакви грижи кога првпат ја пречекал зимата на островот, во 1989 година. „Во тоа време ги мразев луѓето. Во текот на зимата конечно можев да уживам во убавините на островот“.

Но зимите можат да бидат и сурови, со ужасни ветрови што предизвикуваат хаоси. За Моранди, суровата страна на природата е дел од нејзината убавина. „Моите најдобри спомени се поврзани со бурата во 1991 година, кога ветровите беа со огромен интензитет, создавајќи звук што никогаш претходно не сум го слушнал“, вели тој. „Сфатив дека луѓето се ништо наспроти природата. Дури и со сета таа технологија, ние не сме ништо освен мали мравки“, вели тој.

Но технологијата успеала да се пробие на островот. Пред три години приватна компанија инсталирала безжичен рутер во близина за да обезбеди интернет-пристап за туристите што го посетуваат паркот. „Тогаш не знаев ни што е ајпад. Денес имам профили на Твитер, Фејсбук и Инстаграм“, вели тој.

Во текот на типичен зимски ден Моранди се буди во 7:30 часот наутро, пие кафе и започнува со неговиот работен ден во и околу неговата колиба, сечејќи дрва за греење, чистејќи и готвејќи. По ручекот тој талка низ неговиот личен рај, фотографирајќи ги плажите и медитеранското небо.

3

Островот повремено го посетуваат луѓе од блиските острови за да му донесат храна и намирници. „Тие постојано доаѓаат во текот на летото“, вели тој.

Во текот на есента, зимата и пролетта  тој може да се храни со диви билки, карактеристични за Медитеранот: диво цвекло, аспарагус, лук, рузмарин, праз.

Како што вели, од година на година, тој ги гледал промените во светот од неговиот агол. Минатото лето било невообичаено жешко. Тој забележал помалку риби во плитките води околу островот. „Кога разговарав со рибарите, ми кажаа дека тоа е затоа што крајбрежната вода е претопла, па рибите одат подлабоко во потрага по постудена температура“, вели Моранди.

Се промениле и ветровите. Обично неговиот дел од ахрипелагот е зафатен од западните ветрови, но сега ветрот доаѓа од другата насока. Се зголемиле и бурите и невремињата. Тие се посилни и траат подолго.

Во екот на сезоната, кога туристите го посетуваат островот со чамец, чуварот на Будели со денови разговара со посетителите за конзервацијата. „Сакаат да го слушнат ’Робинзон Крусо‘ како разговара за природата. Ги учам дека природата не е нешто што треба да се искористи, туку нешто што треба да се заштити“, вели Моранди.

3

Откако Будели бил ставен на аукција во 2011 година, по банкротот на компанијата што го поседувала, на крајот му бил продаден на Мајкл Харт, банкар од Нов Зеланд, кој наводно сакал да го претвори во биолошко засолниште со екоцентар. Планот не бил добар за локалните власти. Спорот траел со години, а Моранди не ја криел поддршката за Харт. „Совршено знам дека работите предводени од владата не функционираат, а Мајкл веќе имаше направено еколошки резерви во Нов Зеланд.

Во 2016 година Харт го повлекол својот предлог и островот официјално станал италијански имот. Моранди смета дека неговата отворена поддршка кон Харт го довела во војна со властите. „Бев сигурен дека ќе се обидат да ме исфрлат“. И така се случило. Пред една година добил известување за иселување поради неправилности во начинот на кој била изградена неговата колиба. „Не одам никаде“, вели тој.

Во моментов, националниот парк го именува својот нов претседател, кој може да го промени неговиот став во врска со чуварот и неговото право да остане. Во меѓувреме, човекот кој го поминал поголемиот дел од животот на овој остров покрена петиција за поддршка на неговото право да живее таму.

„Не се плашам. Се навикнав да живеам во неизвесност“, вели тој.