Во Полска стапи на сила закон за задолжително неработење во недела

Во Полска стапи на сила закон за задолжително неработење во недела

Подготвил: Билјана Арсовска

Во Полска стапи на сила законот за задолжително неработење во недела и голем број маркети и продавници веќе почнаа да го почитуваат. Опозицијата се противи на законот и вели дека поради оваа одлука, десет илјади работници ќе останат без работа. Новиот закон им забранува на трговците да работат две недели во месецот, но идната година бројот на неработните недели во месецот ќе биде зголемен на три, а од 2020 година сите четири недели ќе бидат неработни.


Фото: Pixabay

Законот беше предложен од страна на водечкиот синдикат Солидарност, кој вели дека вработените заслужуваат еден ден одмор. Синдикатот ја доби поддршката од конзервативната и про-католичка владејачка партија, Право и правда, чии пратеници го одобрија законот. Влијателната католичка црква, на која ѝ припаѓаат повеќе од 90 отсто од Полјаците, ја поздрави промената.

Полјаците се меѓу највредните граѓани на Европската Унија и некои се жалат дека неделите се некогаш единствените денови кога тие имаат време да пазарат. Според статистиките на Организацијата за економска соработка и развој, просечен полски работник работел 1.928 часа во 2016 година.

Реакциите на законот се различни. Додека едни велат дека е добар за оние кои сакаат да поминат повеќе време со фамилиите, други велат дека сето ова можело да се изведе поинаку.

-Не е проблем да се пазари еден ден претходно, но ако нешто се скрши во мојата кујна или бања во недела, нема да има начин како да одам до продавница и да го поправам тоа. Лут сум затоа што законот не е соодветно подготвен. Би било многу подобро кога работодавците би биле приморани да му дадат две неработни недели во месецот на секој вработен - вели Даниел Вицех.

Има и исклучоци од забраната, па, на пример на бензинските станици, кафетериите, аптеките и некои други бизниси ќе им биде дозволено да работат и во недела. На продавниците на аеродромите и железничките станици исто така ќе им биде дозволено да работат, но само под услов самите газди да си ја работат работата.

Секој кој ќе ги прекрши новите правила се соочува со казна до 29.500 долари, додека оние кои ќе го повторат кривичното дело може да се соочат и со затворска казна. Солидарност апелираше до граѓаните секој прекршок да го пријави во Националниот работнички инспекторат.