Велес слави седум децении театар во новата зграда, која веќе прокиснува

Велес слави седум децении театар во новата зграда, која веќе прокиснува

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Најпопуларна претстава во театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ е „Тоалет за дами“ во режија на Деан Дамјановски, за која се бара карта повеќе




Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес годинава одбележува 70 години постоење. Десетина театарски премиери, поетски читања, фестивалот „Стоби“, меѓународни гостувања – сето тоа е во план за годината, најавува директорот Младен Крстевски. Како дел од серијалот посветен на градот Велес, Факултети.мк го посети и театарот, културна институција која велешани, од најмал до најстар, многу ја сакаат и ја почитуваат.

Центарот на градот Велес во последните неколку години некако природно се помести околу новата зграда на Народниот тeатар. А таа, лична, модерна, ама веќе не го издржува ниту првиот појак дожд. Накиснати ѕидови, скали без гелендери, депо со отворен таван од каде што висат кабли, влага...
- Новата зграда веќе прокиснува. Не сакам да звучам како да озборувам, ама имам впечаток дека не им било многу важно како го направиле театаров. Има многу работи што не се направени како што треба. Нема гелендери на скалите, прокиснуваат апартманите, скалите се одвојуваат од ѕидот – вели Крстевски, кој додава дека добро соработувале со фирмата што го градела театарот и дека ги прават поправките.
Зградата сѐ уште нема технички прием, ни изјави и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Штом се завршат сите санации, и тоа ќе се заврши, вели раководството на театарот. Амбициозна програма во јубилејната година најавува директорот Крстевски, кој веќе бил на ова раководно место пред десетина години.

Младен Крстевски, директор на театарот

Последна премиера на театарот е претставата „Тоалет за дами“ на режисерот Деан Дамјановски. Тоа е претстава за која постои турканица за влезници, вели Крстевски.
На репертоарот на театарот се: „Вдовицата се мажи“, „Синиот портокал“, „Театар, љубов моја“.
- За еден мал град каков што е нашиот, задоволни сме од посетеноста, особено што карти се купуваат на каса, не мора да оди организирано. Од септември, откако сум дојден на оваа позиција, сите четири претстави што ги направивме се целосно финансирани од нас – додава Крстевски.
Во театарот се работи под полна пареа. Драматургот и режисер Сашо Димоски во последниот месец ја работи претставата „Кралските копилиња“, која ќе биде компилација на повеќе текстови на тема Медеја. Претставата ќе се игра на Фестивалот на античката драма „Стоби“.

„Тоалет за дами“ е хит-претстава во велешкиот театар

Почнати се подготовките и за „Сомнително лице“ што ја режира Венцислав Ристов. Тој е претставник на букурешката театарска школа.
- Интересна школа и за нас е убаво за да видат и актерите како се работи на малку поинаков начин. Секој детаљ ни е претходно најавен. Во претставата ќе играат и повозрасните актери на театарот. Ние со по 60-ина години и ќе им закажеме фудбалски натпревар на помладите. Ќе биде убаво во бифе да се сретнат актери од повеќе генерации – вели Крстевски. И трет проект се работи истовремено. Станува збор за детската претстава „Заспаниот Супермен“ што ја работи Крстевски. Од наредниот месец треба да почнеме со дипломската претстава „Елешник“ од Југослав Петровски, што ќе ја подготви режисерката Елеонора Теова.

 

Во втората половина на јуни во Велес ќе дојде режисерот Хакоб Газанчјан од Ерменија, кој ќе работи многу современа верзија на „Лисистрата“. Крстевски објаснува дека по премиерата на оваа претстава, заедно со „Кралските копилиња“ ќе почнат мал антички карван, при што сакаат да посетат неколку антички локалитети – Марвинци, Баргала, Билазора, Стоби, Стибера, Хераклеја, а да заврши на Скупи. По неколку години фестивалот на античката драма повторно ќе се реализира на локалитетот Стоби.
Неколку театарски маратони се планирани за годинава. Еден е веќе успешно реализиран, кога три претстави се играа во една вечер. Во театарот постојат дури четири сцени – голема, мала, сцена на самата сцена и холот, кој се користи за поетски театар. Еднаш месечно актери од театарот интерпретираат стихови од наши поети.


Планирани се неколку гостувања на фестивали во регионот и пошироко.
- Во април нѐ канат во Швајцарија да гостуваме со неколку претстави. Во мај договоривме со Горазд Поповски од Македонскиот културен центар да гостуваме со претставите „Синиот портокал“ и „Вдовицата се мажи“ во Њујорк. Детската претстава „Волшебникот од Оз“ ќе оди на фестивал во Трговиште, Бугарија. И „Театар, љубов моја“ ќе учествува на манифестацијата „Денови на бугарскиот театар“, исто така во Трговиште, со оглед на тоа дека режисерот на претставата, Валериј Петров, е Бугарин – објаснува директорот.

Кон крајот на август се планира втората детска претстава. Режисерката Софија Ристевска ќе работи современа верзија на „Госпоѓа Министерка“ со четири актерки, а во октомври проект ќе спрема Јани Бојаџи. Во ноември се планира да се почне со проектот „Салома“ од Југослав Петровски, чија премиера би била вгодина. На репертоар оди и испитна претстава на студенти од класата на Мето Јовановски на ЕСРА.

Еден од ретките плакати зачувани од стариот театар

Крстевски посакува наредната година да го сработат големиот спектакл „Ана Каренина“, кој би бил во соработка со Балетот, со многу статисти, а и би чинел повеќе, но би бил големо искуство за театарот. Тоа не би било класично дело.
Крстевски, исто така, најавува дека во соработка со Општината се планира актуелниот Пионерски дом, кој има голема сала, да се реновира и да се претвори во Детски регионален театар.
- Тој театар би ги опслужувал децата во Велес, Росоман, Градско, Демир Капија, Неготино, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци. Можам да кажам дека имаме извонредна екипа за работа, тоа ќе бидат нашите актери, сценски работници. Таму би го сместиле и киното „11 Октомври“. Ова сѐ уште не е одобрено од општинскиот совет – вели актерот Крстевски.