Како Гана стана светско економско чудо?

Како Гана стана светско економско чудо?

Подготвил: Билјана Арсовска

Од 1980-ите години западноафриканската држава Гана е во криза, осакатена од гладта која следеше по неколку воени удари. Но, од 1992 година се спроведуваат мирни избори и нејзината иднина сега изгледа посветла отколку пред десет години по откривањето на големите залихи од нафта. Со моментниот скок на цената на нафтата и забрзаното ширење на производството на нафта, Гана наскоро би можела да го постигне она на што никој не се надеваше - таа најверојатно ќе стане една од светските економии која овие години се развива најбрзо, наведуваат од Светската банка, од Банката на африканскиот развој, Меѓународниот монетарен фонд и од „Брукингс“.


Фото: Buka

Проектираниот раст во 2018 година се движи меѓу 8,3 и 8,9 отсто и Гана би можела да ја премине Индија со нејзиниот јак технолошки сектор и Етиопија, која во последните десет години беше една од африканските економии кои се развиваа најбрзо благодарение на земјоделиоето и извозот на кафе. Во јануари, берзата на Гана забележа највисока стапка на раст од 19 отсто. Какаото е еден од приоритетните ресурси на Гана и производството на какао е само плус на бумот со нафтата.

Едмунд Поку, директор на „Ниче Кокоа“ вели дека неговата фабрика во едно индустриско предградие на главниот град Акра, има договори да го продаде целиот прав, путер и чоколадо кои планира да ги произведе оваа година.

-Ова е прва година да успееме да направиме такво нешто - вели Поку.

Во неговата фабрика техничарите седат зад низа компјутери и машини кои пржат, мелаат, готват, пресуваат и мешаат стотици килограми какао секој ден. Неговата фабрика е олицетворение на целите на економистите низ цела Африка: локален бизнис кој нуди стотици добро платени работи и користи врвна технологија. Поку двојно го зголеми капиталот на својата фабрика во последните две години и има намера да ангажира уште 100 работници оваа година.

Но, економистите и другите експерти ја предупредуваат Гана да го избегне таканареченото проклетство на ресурсите кое ги мачи другите земји кои се премногу се потпираат на нафтата и минералите - како што се индустриите кои често се поврзани со измама и корупција.

Претседателот Нана Акуфо-Адо беше избран кон крајот на 2016 година среде бран незадоволство од состојбата на економијата и вети дека ќе ги слуша советите и приходите од нафтата ќе ги пренасочи кон образованието, земјоделството и производството со цел да се прошири економијата. Критичарите велат дека програмата за отворање нови фабрики од различни индустрии во секоја од 216-те области на Гана се движи пребавно. Растот во индустриите, како што се финансиите и здравствената заштита, запира делумно поради тоа што владините инвестиции беа ограничени во последните неколку години по повеќегодишното трошење.

По иницијалниот нафтен бум во 2011, се поголемите задолжувања и камати доведоа до создавање на длабок буџетски дефицит во земјата кога падна цената на нафтата. Гана допрва треба да докаже дека може да го претвори својот нафтен бум во високо-квалитетни работи и одржлив развој. Стапката на невработеност, иако е под просекот од 7,4 отсто во субсахарска Африка, во 2011 година се зголеми за четири отсто на 5,8 проценти, покажуваат податоците од Светската банка. Меѓу младите, стапката на невработеност е дури 11,5 отсто.

На улиците на Акра, каде населението се зголеми за речиси еден милион во последните десет години на 2,7 милиони бидејќи луѓето од селата одат во град во потрага по работа, оптимизмот е тешко да се најде. Кекели Арјети дипломирала пред неколку години и има диплома од областа на финансиите. Била отпуштена од една компанија, а потоа и од туристичка агенција пред да одлучи да отвори продавница која продава ориз и палмино масло на мерење. Како студентка својата иднина ја гледала во климатизирана канцеларија со пристојна плата и годишни одмори. Сега месечно заработува околу 67 долари, што е под националниот просек од 115 долари. Таа чека парите од нафтата да се појават.

-На владата и е полна устата со приказни, но кога станува збор за секојдневните активности, ништо не се случува. Можеш да завршиш училиште, да добиеш квалификации, но тоа не е доволно. И понатаму мака мачиме да најдеме работа - вели таа.