Кога ќе видам како децата се смеат и се радуваат на Биби, Боби и нивните пријатели, знам дека сум направил нешто корисно во животот, вели режисерот Гоце Цветановски
Гоце Цветановски е режисер. Неговиот прв долгометражен филм „Денот на жената” ја очекува својата светска премиера. Се потпишува на режијата на голем дел од творештвото од „Светот на Биби“. А неговата најголема тенденција е да се потпише на првиот македонски долгометражен анимиран филм. Продуцира кратки филмови, музички спотови, комерцијални реклами... Со неговиот тим од 2Д-аниматори работи и за комерцијални клиенти, како Ед Ширан, „Феит ноу мор“, Самсунг, Алкател...
Вели дека сценариото е најслабата алка во македонската кинематографија. Дека ако играниот филм е спринт, анимацијата е маратон. Дека поголем буџет може да се направи подобар филм, буџетот не е гаранција за добар резултат... И за уште многу важни алки од неговиот филмски опус зборуваме со Цветановски во интервјуто за Факултети.мк.
По реализација на над 20 кратки филма, спонтано ли следуваше остварувањето на првиот долгометражен филм? Која е приказната зад филмот?
Приказната почна во далечната 2002 година, додека сѐ уште бев студент по филм на Универзитетот Париз 8 - Сен Дени во Франција. За дипломска работа требаше да напишам сценарио за долгометражен филм. Се одлучив да експериментирам со формат и да напишам сценарио во кое главен лик е камерата. Камерата во овој случај беше скриена во очилата на главниот лик, кој низ цел филм не го гледаме, туку го гледаме неговиот партнер. Но на средината од филмот партнерот беше убиен и гледачите понатаму сфаќаат дека главниот лик е всушност оној што снима. Се работеше за амбициозно, на многу нивоа наивно сценарио кое беше повеќе сконцентрирано на техниката на снимање отколку на психологијата на ликовите. Дури и работниот наслов беше „Камерманот“.
Кога се вратив во Македонија, по некоја случајност наидов на сценариото во една од кутиите што ги донесов со мене. Го прочитав и сфатив дека сум ја надраснал приказната, но истовремено имаше многу интересни моменти кои заслужуваа нова шанса и позрел пристап. Така, еден ден додека бев на одмор, почнав да запишувам идеи, па одморот и наредните неколку месеци ги поминав во креирање на новата верзија. Филмот првично требаше да биде режиран од друг автор, но поради разни причини, тоа не се случи и на крај испадна да го режирам јас.
Исмаил Касуми
Да не должам многу околу самата реализација, бидејќи тоа е филм сам за себе. Би сакал само да искажам една огромна благодарност до целата екипа која ми беше и потпора и инспирација. Филмот е колективно дело, и без соединета, креативна и максимално посветена екипа не може да се произведе дело вредно за паметење. Очекувам „Денот на жената“ да отвори некои контроверзни прашања за нашето општество, но најмногу од сѐ, се надевам дека филмот ќе придонесе за хуманизација на гледачите и ќе ги натера да си ги преиспитаат предрасудите. Да бидам попрецизен, иако во филмот има силна македонско-албанска нишка, сите ликови во приказната ги третирам не преку призмата на нивната етничка припадност, туку преку прашањето дали се луѓе или нелуѓе. Тоа е она што би сакал да допре до публиката.
Муса Исуфи
Што е она што Ви остави впечаток откако филмот е завршен?
- Пред сѐ, со овој проект ми се врати желбата за работа на игран филм. Долго време бев ангажиран и на Јон Вардар и на Биби, така што малку ја имав подзаборавено возбудата која ја чувствуваш кога си на филмски сет. Едвај чекам повторно да снимам! А „Денот на жената“ штотуку треба да ја почне својата светска одисеја. Во ноември бев на Американскиот пазар на филмови во Лос Анџелес, како единствен македонски акредитиран претставник. Таму се случија голем број важни работи за мојата кариера кои допрва ќе ги објавам, но она што можам да го кажам е дека филмот освен што е уметност, е и многу сериозен бизнис. Доколку паметно се одиграат сите потези, филмот може да донесе повеќекратна финансиска добивка, а во наредните неколку години планирам тоа и практично да го демонстрирам.
Слаѓана Вујошевиќ
Се нафативте на еден пионерски чекор, да се потпишете на првиот долгометражен македонски анимиран фамилијарен филм „Јон Вардар против галаксијата“ ... Долги години работите на негово создавање... Во каква фаза е филмот и кој е најделикатниот дел за изработка?
- Во 2015 година се вратив од Париз во Скопје, потег за кој многумина мислеа и сѐ уште мислат дека сум луд што го сторив. Но искрено сум среќен што се вратив во Македонија и доколку треба пак да избирам, повторно би го направил без размислување. Кога почнавме со работата, во Македонија реално немаше 2Д-аниматори. Екипата заедно растеше во број и квалитет, и од проект на проект станувавме сѐ подобри и подобри. За време на пандемијата кога продукцијата на Јон Вардар беше привремено прекината поради недостиг на средства, успеавме како екипа да работиме за комерцијални клиенти како Ед Ширан, Самсунг и Алкател. Сега, иако сме малку на број, можам да кажам дека нивото на квалитет е исклучително високо. Во анимацијата сѐ е деликатно. Најтешко е можеби трпението. Вршиме гигантска, да не речам херојска работа, од историско значење за нашата земја. Сега кога по 6 години продукција видов колку работа има, сфаќам зошто никој друг не се нафатил на ваков подвиг досега.
Но, од друга страна, оптимист сум за иднината. Филмот веќе има обезбедено светска дистрибуција од реномираната дистрибуциска куќа „Левел К“ од Данска, така што очекувам многу луѓе од целиот свет да го видат и да уживаат во него. И не само тоа, туку верувам дека за брзо време ќе има и нови долгометражни анимирани филмови. Доколку Јон Вардар ги оствари финансиските проекции според очекувањата на нашиот дистрибутер, очекувам да се зголеми и интересот во приватниот сектор за инвестиција во наредни проекти. Анимираниот филм е една од ретките индустрии која е во постојан пораст во последните 70 години, без исклучоци.
Голем дел од целокупното творештво од „Светот на Биби“ го носите на ваш грб, се потпишувате како режисер... Какво искуство Ви донесе работниот ангажман за ова семејство? Кој Ви е најслаткиот дел од творењето за Биби?
- Биби е проект со кој најмногу се гордеам во мојата досегашна кариера. Кога ќе видам како децата се смеат и се радуваат на Биби, Боби и нивните пријатели, знам дека сум направил нешто корисно во животот. Тоа ми е најслаткиот дел - насмевките на децата. Заедно со целата екипа на Биби, оставивме неизбришлива трага врз македонската, би ја нарекол поп-култура.
Во однос на искуството, Биби ми беше прва серија која се произведуваше со неуморно, индустриско темпо - по една епизода месечно. Влегов во проектот со голем елан и мотивација. Дење работев на Јон, навечер на Биби. Кога популарноста на Биби буквално експлодира низ цела Македонија, секако дека бев горд. Од друга страна, беше голем проблем да се собере и обучи екипа, а и темпото на реализација ми беше многу напорно. Особено кога ќе се има предвид дека цело време работев паралелно и на Јон Вардар. Како човек кој се труди до последен момент да извлече максимум од сѐ што работи, често имавме ситуации каде што ја стававме новата епизода на интернет неколку часа, а еднаш дури и неколку минути пред најавената премиера. Е, тоа се вика адреналин на квадрат.
Месечниот рок за завршување на епизодите ме научи дека понекогаш мора да се прави компромис на разни нивоа, дека датумот на достава е неизменлив закон и дека мораш малку да „олабавиш“ за да останеш ефикасен и сконцентриран. Во последно време доста сум активен во делот на меѓународната презентација на брендот, па ќе видиме каде тоа ќе нѐ однесе.
Како ја оценувате детската продукција кај нас, какви содржини им се нудат на децата? И какво дополнување би сакале да направите во светот на децата?
- Мислам дека има квалитетна програма, а за квантитетот секогаш може да се подобри. Исто како и квалитетот. Она што би сакал да го направам за децата се долгометражни анимирани содржини.
Многу од филмовите имаат домашни и странски фестивалски проекции и нивниот век завршува тука. Што треба да се коригира или иницира за да се подобри дистрибуцијата на македонскиот филм? Како нашите остварувања да дојдат до поголем аудиториум?
- Па, доколку има фестивалски проекции, тоа е веќе одличен успех. Секоја фестивалска селекција е доказ дека филмот е подобар од илјадници други филмови што не влегле во програмата на фестивалот. За комерцијална, кинодистрибуција, е друга приказната. Тука гледаме дека е многу потешко да се влезе, но и тоа не е невозможно. Доколку филмот е добар, навистински и органски добар, има големи шанси да си ја најде публиката. „Медена земја“ е одличен пример дека со труд, трпение и посветеност, квалитетниот филм ќе исплива на површината.
Според мене, во последно време имаме нови автори кои носат огромен скок нагоре во квалитетот на филмовите и свеж пристап кон правењето филмови. Иако со поголем буџет може да се направи подобар филм, буџетот не е гаранција за добар резултат.
За да се подобри дистрибуцијата, мора да се почне од почетокот - да се има добро сценарио. Кај нас, за жал, нема професионални скрипт-консултанти, сценаријата често се со печатни и граматички грешки, не се обрнува внимание на дијалозите, на визуелните решенија. Не сакам да навредам никого, но ми се чини дека сценариото е најслабата алка во македонската кинематографија.
Друга работа што може да помогне во меѓународната дистрибуција: копродукција и учество на актери од други земји. Во мојот филм, освен македонски и албански, играат и актери од Бугарија и од Косово, давајќи му една регионална димензија на проектот. Така што, дистрибуцијата во околните земји е веќе обезбедена. Наскоро ќе објавиме информации и за светската дистрибуција на филмот, за која деновиве го финализираме преговарањето.
Од музички спотови, комерцијални реклами до кратки филмови, ТВ-серии... долга е листата со Вашите успешни проекти. Во кој сегмент од 2Д-анимацијата креативноста Ви се пушта на најјако?
- Секоја фаза си има своја специфика и магија. Додека пишувам сценарио, среќен сум, сам во својот свет, во оној заштитен меур каде што сѐ е можно. Многу истражувам, читам и гледам слични филмови. На некој начин, оваа фаза е најбезгрижна бидејќи за резултатот сум одговорен единствено пред самиот себе. Потоа обично се консултирам со луѓе чие мислење го ценам, па повторно пишувам, препишувам, допишувам, чкртам и сечам, додека приказната не добие облик за кој мислам дека е доволно добар за да се презентира пред клиентите и финансиерите. Потоа, погодивте, сценариото повторно се препишува, се адаптира на потребите на продукцијата и така ќе биде до самиот крај.
Во фазата на продукција, филмот - мислам на играниот филм - е лавина од луѓе, случки, вител од идеи. Додека снимам, јас сум на седмо небо - филмот и онака се смета за седмата уметност. Уживам во интеракцијата со целата екипа. Секој си има своја работа, која најчесто ја знае детално и ја работи најпрофесионално. Додека се снима, екипата е едно семејство, еден голем молекул во кој секој атом е важен за да се добие конечната хемиска формула. Кога креативноста на целата екипа е во симбиоза и хармонија, секогаш добиваш подобар резултат од она што било напишано на хартијата.
Во анимацијата е многу поинаку. Ако играниот филм е спринт, анимацијата е маратон. Работиш една недела за резултат од неколку секунди. Но кога ќе го видиш она што си го сработил, дека им даваш душа на ликови кои сега дишат, се движат, чувствуваат, се радуваат и страдаат исто како нас, а се излезени од имагинацијата на група артисти, раскажувачи, аниматори и илустратори… чувството е неописливо. Има некоја магија во анимацијата која е поинаква од играниот филм. Мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо, кој неодамна по повеќегодишна продукција го објави своето анимирано ремек-дело „Пинокио“, со право изјави дека анимацијата не е жанр, туку е медиум. Јас скромно би го опишал овој процес со народната поговорка - Трошка по трошка - погача.
Моќта на имагинацијата нѐ прави бесконечни. Колку ја третирате имагинацијата во Вашите дела?
- Уште од мал растев со приказни, кои најчесто ми ги раскажуваше баба ми Трајанка, нагалено Тала. Со подотворена уста ги слушав авантурите на обичните луѓе и хероите, на принцовите и принцезите, самовилите, вештерките, вампирите... Потоа си ги замислував, често и се плашев, но секогаш уживав во тие ментални патувања каде што сѐ беше магично, но за разлика од стихот на Ристо Вртев, во овие светови сѐ беше и праведно. Во моите први филмови многу често црпев инспирација од соништата. Сакав да раскажувам чудни приказни, кои се тешки за дешифрирање. Како што поминуваше времето, сфаќав дека во секој мој проект сепак има голема доза на вистина, истражување на човековата природа или критика на општеството. Дури и најфантастичните приказни ги влечат корените од реалноста и од животот на луѓето. Само треба да ги отвориме очите, и како што прават и децата, да влеземе во магичниот свет на имагинацијата без предрасуди.
Во што следно ја вложувате Вашата енергија? Кои идеи и планови чекаат на ред да добијат реализација?
- Со што да почнам попрво. Еден од проектите ќе биде долгометражен анимиран филм со Биби, а можеби дури и играно-анимиран.
Спремам неколку играни долгометражни филмови и нов долгометражен анимиран, за кои сѐ уште не смеам да објавувам повеќе информации. Нешто ќе се работи во Македонија, а нешто надвор. Она што смеам да го кажам е дека иднината ќе биде возбудлива.
Автор на фотографиите: Маја Аргакијева
Автор на насловна фотографија: Зоран Алексиќ