Половина милион школки се свариле на плажа во Нов Зеланд
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Стотици илјади школки се свариле во Нов Зеланд поради сѐ повисоките температури на водата во таа област.
Брендон Фергусон од Нов Зеланд објави снимка на „Фејсбук“ од плажа на Северниот Остров, на која може да се видат стотици илјади мртви школки кои биле исфрлени на брегот. Фергусон изјавил дека ја затекнал глетката додека се шетал со пријатели и роднини минатата недела.
- Јас сум од таа област и секогаш сум на брегот и собирам храна за фамилијата. Тој ден бев излезен со пријатели и роднини додека тие рибареа. Чекавме да се смени приливот за да можеме да собираме школки - истакнал тој.
Но наместо тоа, Фергусон видел стотици илјади мртви школки.
- Мирисаше на скапана морска храна. Некои од школките беа празни, некои мртви... Некои само пливаа наоколу. Имаше повеќе од 500.000 школки на брегот - вели Фергусон.
Тој додава дека бил сведок на ваков вид настан на истата плажа и во минатото и дека различни видови школки биле исфрлени мртви на бреговите. Според него, виновни се сè повисоките температури и потоплите морски води.
Извештај на владата на Нов Зеланд од минатата година ја поддржува теоријата на Фергусон - климатските промени ги креваат температурите на морето и ги уништуваат домородните морски растенија, животни и хабитати во земјата.
Според извештајот, во периодот од 1981 до 2018 година генералните температури на морската површина во четирите океански региони на Нов Зеланд се зголемувале за помеѓу 0,1 и 0,2 Целзиусови степени за една деценија.
- Океаните на Нов Зеланд се однесуваат како џиновски сунѓер наспроти ефектите на климатските промени - истакна Вики Робертсон, секретар за животна средина на Нов Зеланд.
Тој објасни дека колку потопли стануваат водите, толку помалку се способни да апсорбираат стакленички гасови како јаглероден диоксид, кои сè повеќе се испуштаат во атмосферата и имаат големо влијание врз климатските промени.
Во декември 386.000 квадратни милји во Тихиот Океан, источно од Нов Зеланд, станаа за околу 5,5 Целзиусови степени потопли од просекот, што стана закана за преживувањето на рибите и коралите во регионот.
Ендрју Џефс, научник од Универзитетот во Окленд, истакна дека школките од видеото на Фергусон веројатно умреле од топлотен стрес предизвикан од топлото време и слабите приливи на водата.
- Школките умираат од топлотен стрес. Замислете да лежите на пладневно сонце среде бел ден, по четири часа дневно во текот на неделата. Би биле прилично изгорени на крајот - истакна тој.
Џефс го истакна и непријатното предвидување дека како што се зголемуваат температурите, наскоро мекотелите може целосно да исчезнат од Нов Зеланд.
Фергусон, пак, вели дека го споделил видеото надевајќи се дека глобалната заедница ќе ги забележи ефектите на климатските промени што се случуваат во неговата татковина.
- Секоја година станува сè полошо и полошо. Во вакви времиња треба да се разбудиме и да почнеме да ги почитуваме овие места и да посветиме внимание на она што се случува пред засекогаш да го изгубиме нашето богатство - вели тој.
Насловна фотографија: Facebook/printscreen