Вештачката интелигенција сега може да ве претвори во целосно дигитален, реалистичен клон што зборува

Вештачката интелигенција сега може да ве претвори во целосно дигитален, реалистичен клон што зборува

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Аор уан“ се опишува себеси како компанија за видеотрансформација која сака да ги замени камерите со код, а нејзината најнова креација е можноста секој да создаде целосно дигитален клон од себеси, што може да изгледа дека зборува „на камера“ без камера или аудио.

Компанијата дебитира со својата технологија за дигитален клон во партнерство со јутјуберката Тарин Саудерн. На видеото подолу Саудерн е целосно дигитална креација, создадена како експеримент за соработка помеѓу Саудерн и „Аор уан“. Компанијата користи сопствен процес управуван од вештачката интелигенција за да обезбеди автоматизација на создавање на видеото, што овозможува видеа водени од презентер без потреба некое лице да седи пред камерата.

Од компанијата велат дека експертите предвидуваат дека во наредните 5 до 7 години 90 отсто од содржината ќе биде синтетичка или ќе се генерира со употреба на компјутери наместо со камери. Компанијата верува дека проблемите што произлегуваат од пандемијата ја зголемија потребата од ваква технологија.



- Кога се појави пандемијата, се затвори производството во целиот свет. Луѓето бараа алтернативни начини за создавање содржини, па ме интересираше што би можело да се произведе со видео генерирано од вештачката интелигенција. Експериментирањето со видеопродукција со вештачка интелигенција е слично како со работата со музика во која е вклучена вештачката интелигенција - вели Саудерн.

За да се создаде „клон од вештачка интелигенција“, Саудерн морала да влезе во студио и да застане пред зелен екран за да биде фатена од повеќе агли. Исто така, таа морала да каже неколку групи зборови за да може програмата да го реплицира нејзиниот глас. На видеото подолу таа го опишува процесот како читање неколку сценарија и пеење песна. Целиот процес пред камерата траел само 7 минути.

Оттаму, стотици видеа можеле да се генерираат за неколку минути само со испраќање текст до платформата.

Позитивното е тоа што не изгледа дека би било можно да се создадат лица со помош на вештачката интелигенција доколку лицето прво не влезе во студиото, но исто така теоретски би било можно да добие вештачко интелигентна верзија и да се внесат какви било текстови во програмата што вештачката интелигенција ќе ги прочита. Последиците од тоа се застрашувачки.

Сепак, компанијата тврди дека придобивките од нејзините технологии ги надминуваат можните лоши страни. Како што велат тие, со оваа технологија креаторите на содржини ќе имаат драстично намалување на времето и трошоците за производство на видео.

Дополнително, секој вештачко интелигентен клон може да зборува на повеќе јазици, што овозможува поголема дистрибуција на содржината до повеќе луѓе низ светот.

Важно е да се разликува оваа технологија од „дипфејк“. Дипфејк-технологијата го зема целото лице и го преклопува врз постојните или новоснимените снимки. Она што го прави „Аур уан“ е создавање целосно оригинална содржина како да ја зборува вистинска личност. Компанијата го нарекува резултатот - фотореален дигитален човек.

Иако процесот не може да функционира за сите видови содржини, компанијата тврди дека може да биде многу ефикасен за формати како вести, чиј фокус е ставен на навременоста и квалитетот на пишување и известување и други видови содржини, водени од ТВ-презентери.



Извор: Petapixel.com
Фото: Screenshot/YouTube