Видео: Се гради сателит за откривање на темната материја

Видео: Се гради сателит за откривање на темната материја

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со години експертите се обидуваат да ја разберат темната материја, која е невидлива, а сепак опфаќа околу 85 отсто од вкупната маса во нашиот универзум.

Сега тим од Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија, развил концепт за кој тврди дека може да го унапреди нашето разбирање за темната материја.

Истражувачите започнале со тестирање на уред кој мери ситни сигнали со ласерско испалување низ графитни плочи, кои левитираат во нулта гравитација. Главниот физичар на проектот, Тим Фукс, истакнал дека тоа би можело да биде првиот чекор кон повеќе вселенски експерименти кои би можеле да ја детектираат темната материја, како што можете да видите на ова видео.

-Постојат многу теории за тоа што би можело да биде темната материја, но ниту еден експеримент на Земјата не е блиску до нејзино откривање. Нашиот експеримент не наликува на кој било друг обид: ќе левитираме графит помеѓу магнети кои, во нулта гравитација, се неверојатно чувствителни на мали сили - вели Тим Фукс додавајќи дека темната материја останува едно од основните прашања на кои научниците сè уште се обидуваат да одговорат.

Темната материја, првпат идентификувана во 30-тите години, не емитира, апсорбира или рефлектира светлина во значителна количина, што ја прави невидлива за телескопите.

Фукс вели дека научниците знаат оти постои поради нејзините гравитациски ефекти врз видливата материја, а движењето на ѕвездите и галаксиите во универзумот може да се објасни само со гравитационото влијание на темната материја.

Експерименталниот уред ќе биде испратен во вселената на нов сателит што го развиваат „Спејс саут централ“ и универзитетите Саутемптон, Портсмут и Сари под името Џовиан-1.

Детекторот за темна материја од Саутемптон тежи само 1,5 килограм и ќе лета околу Земјата во ниска орбита две години, за да ги спроведе своите тестови.

Извор: m.vidi.hr

Фото: Youtube screenshot