Народната банка со нови одлуки за поддршка на економијата
Советот на Народната банка одржа вонредна седница на која во согласност со своите надлежности донесе неколку одлуки кои се во насока на ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција.
Советот, како што соопштуваат, донесе одлука за изменување на Одлуката за задолжителната резерва, со која Народната банка повторно ја става во функција нестандардната мерка кај задолжителната резерва, со што се овозможува намалување на основата за обврската на задолжителната резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените и реструктурираните кредити одобрени на претпријатија во дејности кои согласно информациите од Владата на Македонија ќе бидат најпогодени од ширењето на Ковид-19. Се очекува мерката да има поттикнувачко дејство за непречена кредитна поддршка по поволни услови од страна на банките за најпогодените сектори.
Донесена е одлука за изменување на Одлуката за методологијата за управување со ризиците, со која се одложува рокот во кој банките треба да го достават првиот Извештај за процесот на утврдување интерна ликвидност, со што, наместо до 31 мај, оваа обврска ќе треба да се исполни до 30 септември 2020 година. Со ова регулаторно олеснување, како што наведуваат од Народната банка, на банките и на нивните тимови им се остава простор за поголема фокусираност на обезбедувањето кредитна поддршка на корпоративниот сектор и на населението, како и на одржување на квалитетот на кредитното портфолио.
Советот донесе одлука за изменување и дополнување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоците за услугите што ги врши Народната банка со која се укинуваат провизиите што досега се наплатуваа за подигање и враќање на готовината во централниот трезор на Народната банка. Со ова се елиминираат сите трошоци за подигнување и враќање ефективни пари. Ваквите промени се во насока на поддршка на процесот на управувањето со готовината, на начин кој ги минимизира евентуалните ризици од пренесување на заразата преку овој канал.
Во понеделникот, на седницата на Комитетот за оперативна монетарната политика на Народната банка беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на нивото од 1,75 отсто, што, според Народната банка, треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките.
- Народната банка ќе продолжи со голема внимателност да го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од опкружувањето и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветно приспособување на политиките и адекватна и навремена реакција - стои во соопштението.
Извор: МИА