Еднорог - необичниот национален симбол на Шкотска
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Без разлика на научните теории и докази, луѓето отсекогаш сакале да веруваат во она што ги фасцинира. Па така, денес постои и Меѓународен ден на еднорогот, кој се слави на 9 април.
Иако еднорозите се митски суштества, тие и понатаму живеат во детските приказни, легендите и имагинацијата како симбол на магичен свет, чистота, невиност и моќ – но и како претстава за нешто што не постои. Се сметаат за благородни и независни суштества што е речиси невозможно да се припитомат. Сепак, верувале или не, тие се и национални симболи на одредени држави.
Како еднорогот станал симбол на Шкотска?
Дали знаевте дека националното животно на Шкотска е токму еднорогот? Пред да помислите „очигледно, бидејќи премногу пијат“, има и друго објаснување. За да го разбереме, треба да се навратиме на хералдиката – дисциплина што ги проучува грбовите, нивното потекло, развој и симболика.
Токму во средината на 16 век еднорогот станал дел од кралскиот грб на Шкотска, кој тогаш бил украсен со два еднорози. Кога во 1603 година дошло до обединување на англиската и шкотската круна, шкотскиот крал Џејмс VI станал и крал на Англија и Ирска, под името Џејмс I. Во тој момент новиот кралски грб бил изменет – еден еднорог бил заменет со англискиот лав, симболизирајќи го обединувањето на двете кралства.
Интересно е што лавот и еднорогот во народните приказни секогаш биле ривали, но сега биле обединети под едно исто знаме.
Тајната на златните синџири
Шкотскиот еднорог е лесно препознатлив по златните синџири на неговото тело. Иако постојат различни теории зошто е прикажан на овој начин, најчесто се смета дека синџирите ја симболизираат кралска моќ, толку силна што успеала да „скроти“ дури и митското суштество како еднорогот.
Ден на еднорогот
Стотици години луѓето верувале дека еднорозите навистина постојат, сè додека францускиот биолог Жорж Кувије на почетокот на 19 век не објаснил дека е анатомски невозможно некое животно да има само еден централен рог на челото. Но, научните докази не ги поколебале љубителите на митологијата, па така денес дури и постои Ден на еднорогот, што секоја година се слави на 9 април.
Ако сакате да „ги сретнете“, доволно е да прошетате низ Шкотска – ќе ги најдете на грбови, штитови, фасади на историски згради, врвови на кули, во дворци, музеи, па дури и на воени бродови.
Сепак, ако во еден момент ви се причини дека гледате дупло или цело стадо еднорози, можеби е време да се оддалечите од шкотските пабови и да си одите дома.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram