Експерт за безбедност на храна открива кои 3 намирници никогаш не ги купува во продавница
Купувањето претходно исечено овошје и зеленчук во супермаркетите може да претставува сериозен ризик за здравјето, предупредуваат експертите за безбедност на храна.
Според американскиот хемичар за храна д-р Брајан Куока, сечканото манго, дињата и ананасот се многу поподложни на штетни бактерии, како ешерихија коли, отколку целото овошје. Причината е едноставна – сечењето ја отстранува природната заштитна кора, изложувајќи ја внатрешноста на плодот на влага која е идеална за размножување на патогени.
Но, овошјето не е единствената потенцијално опасна храна. Професорката по микробиологија Кали Книел од Универзитетот во Делавер предупредува на никулци, кои често се додаваат во салати, супи и сендвичи. Овие никулци може да содржат ешерихија коли, листерија и салмонела.

Идеални услови за раст на бактерии
Процесот на 'ртење се одвива во топли, влажни услови, кои се совршени за раст на бактериите. Истражувањата покажуваат дека бројот на микроорганизми на семињата за време на 'ртење може да се зголеми до една милијарда во рок од три дена. Посебен ризик претставува салмонелата, бактерија која често се наоѓа во дигестивниот систем на домашните животни, а инфекцијата може да предизвика дијареја, стомачни грчеви, повраќање и треска.
Повеќето луѓе со инфекции со ешерихија коли доживуваат симптоми како што се треска, гадење и дијареја, кои поминуваат во рок од неколку дена. Меѓутоа, кај чувствителните групи, како што се децата, постарите лица и луѓето со ослабен имунолошки систем, бактеријата може да влезе во крвотокот и да предизвика сериозно оштетување на органите.
Посебна опасност претставува и листериозата, инфекција предизвикана од бактеријата „Listeria monocytogenes“. Оваа болест е исклучително опасна за бремени жени, новороденчиња и постари лица и може да предизвика сериозни компликации, па дури и смрт.
Сирово млеко – здраво или опасно?
Друга потенцијално ризична храна е непастеризираното млеко, познато и како сирово млеко. Д-р Брајан Куоко истакнува дека ова млеко често се промовира поради неговите наводни здравствени придобивки, но предупредува дека ризиците се преголеми.

- Има луѓе кои се залагаат за сирово млеко поради неговите ензими, витамини и добри бактерии, но не вреди да се ризикува бидејќи може да има многу патогени организми во него, особено ако доаѓа директно од производствениот капацитет - тврди тој.
Како да се намали ризикот од труење со храна?
Експертите советуваат неколку клучни мерки за заштита од бактериски инфекции. Д-р Дарин Детвилер, експерт за безбедност на храна од Универзитетот „Нортистерн“ во Бостон, препорачува да се избегнуваат бифеа, школки и риби во почетокот на неделата бидејќи тогаш се најмалку свежи.
Иако одредени видови храна може да претставуваат ризик за здравјето, правилните практики за ракување со храната – како миење раце, одржување на површините во кујната и готвење на соодветни температури - можат да го намалат ризикот од инфекција.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik