За само 6 часа во Јапонија ќе биде изградена првата железничка станица со 3Д-печатач
Јапонските железнички станици се протегаат од мали рурални засолништа до експанзивни урбани центри, во некои има и винарници, додека во други се сместени антички реликвии.
Среде оваа разновидност, железничката компанија „Џеј-ар вест“ сега ја открива првата јапонска зграда на железничка станица која е печатена со 3Д-печатач.
3Д-печатена железничка станица за замена на застарената инфраструктура
Станицата „Хатсушима“, нов додаток на линијата „Кисеи“ во Арита, ќе биде еднокатна бетонска конструкција со димензии 2,6 метри во висина, 6,3 метри во ширина и 2,1 метри во длабочина. Проектот има цел да обезбеди ефикасно решение за изградба на станици кога реновирањето на старите објекти претставува предизвик, соопштиле од компанијата.
Градежните компоненти ќе бидат произведени од „Серендикс“, производител на домови со седиште во Нишиномија, специјализиран за 3Д-печатење и тие ќе се составуваат на самото место. Треба да се започне откако последниот воз ќе тргне на 25 март.
Овој метод значително ќе ја забрза изградбата, при што старата станица „Хатсушима“ ќе биде отстранета и новата станица ќе биде целосно оперативна во рок од само шест часа – растојанието во времето помеѓу последниот воз во текот на ноќта и првиот воз следното утро.
Со значително намалување на времето, работната сила и трошоците, овој пристап овозможува и поголема флексибилност на дизајнот, надминувајќи ги стандардните правоаголници и триаголници кои вообичаено се користат во градежништвото.
Компанијата ја избрала станицата „Хатсушима“ за проектот поради нејзината крајбрежна локација, што ѝ овозможува на компанијата да ја процени издржливоста на зградата наспроти изложеноста на солен воздух.
Компанијата има цел да внесе иновации во железничката инфраструктура користејќи ја најновата технологија, истовремено обезбедувајќи одржливи транспортни услуги кои се длабоко вкоренети во локалната заедница.
Извор: interestinengineering.com
Фото: JR West