Начини на кои може да продолжите со учење и по дипломирањето

Начини на кои може да продолжите со учење и по дипломирањето

Подготвил: Драгана Петрушевска

„Секој кој престанува да учи е стар, без разлика дали има 20 или 80 години. Секој кој продолжува да учи останува млад.“ - Хенри Форд

Децата постојано ги напаѓаат родителите, наставниците и пријателите со прашања. Но, како што растеме, оваа љубопитност на некој начин избледнува. Ова најмногу се гледа кај дипломците кои завршуваат факултет. Но, учењето не треба да застане по студирањето.

Учење нов јазик

Отсекогаш сакавте да научите некој странски јазик, но нешто ве спречуваше? Завршувањето на студиите ја отвора вратата за учење јазик. Учењето нов јазик има социјални, економски и ментални поволности, помага во подобрување на помнењето и нè чува млади. Пробајте апликации и интернет-страници како „Дуолинго“, „Розета Стоун“, „Бусу“ итн.

Збогатување на речникот

Според неодамнешно истражување, луѓето кои имаат развиен речник имаат и развиен коефициент на интелигенција. Збогатувањето на речникот не е лесно на почетокот, но доколку продолжите со вежбање вашиот зборовен арсенал сигурно ќе стане помоќен со текот на времето. Започнете со читање повеќе книги на мајчиниот јазик и читање сè останато: вести, списанија...

Гледајте бесплатни онлајн-курсеви

Дали се прашувате за што размислува човекот кој седи до вас во автобус? Слушнете курс за психологија. Дали сакате да го подобрите говорот пред јавност? Има курс и за тоа. Онлајн-курсевите се бесплатни и може да ги слушате од својот дом. „Курсера“ и „Ед-екс“ се најпопуларните платформи за онлајн-курсеви.

Бизнис

Претприемништвото е животна вештина, а кога ќе завршите со студирањето имате време да започнете бизнис за она што ве интересира. На тој начин самите си создавате работно место, а претприемништвото ви помага да научите многу нешта, како менаџирање тим, менаџирање време, јавно говорење итн. Книгата „The Lean startup“ на Ерик Рајс е одличен почеток.

Свирење инструмент

Свирењето инструмент е продуктивен начин за да се „исклучите“ од секојдневието. Свирењето има значајни ментални, емоционални, социјални и физички поволности. Постојат многу канали на „YouTube“ на кои може да научите како да свирите одреден музички инструмент.