Далај-лама за пандемијата: Молитвата не е доволна, потребна ни е сочувствителност
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Далај-лама, врховниот поглавар на тибетските будисти, напиша напис за пандемијата во која се наоѓаме, а кој беше објавен на „Тајм“. Во продолжение следува превод во целост.
Фото: Pixabay
- Понекогаш пријателите ме замолуваат да помогнам за некој проблем во светот користејќи некоја „магична моќ“. Секогаш им велам дека немам магична моќ. Доколку имав, немаше да чувствувам болка во нозете или да имам надразнето грло. Сите сме исти како човечки суштества и ги имаме истите стравови, истите надежи, истите несигурности.
- Од будистичка перспектива, секое суштество што чувствува има искуство со страдање и со вистината за болеста, староста и смртта. Но како човечки суштества, имаме способност да ги користиме нашите умови за да ги победиме лутината, паниката и алчноста. Последните години посочував на „емоционално разоружување“: да се обидеме да ги видиме работите реалистично и јасно, без збунетост поради страв или бес. Доколку еден проблем има решение, мора да работиме да го најдеме. Доколку нема, не треба да трошиме време мислејќи на него.
- Ние, будистите, веруваме дека целиот свет е меѓузависен. Затоа често зборуваме за универзална одговорност. Ширењето на овој ужасен коронавирус покажа дека она што му се случува на еден човек наскоро може да погоди друг. Но, исто така, нè потсетува дека сочувствителното и конструктивно дејствување - без разлика дали станува збор за работа во болница или само социјално дистанцирање - има потенцијал да им помогне на многумина.
- Откако излезе веста за коронавирусот во Вухан, се молам за моите браќа и сестри во Кина и насекаде. Сега може да видиме дека никој не е имун на овој вирус. Сите сме загрижени за нашите сакани и за иднината, за глобалната економија и за нашите домови. Но молитвата не е доволна.
Фото: Pixabay
- Оваа криза покажува дека мора да преземеме одговорност онаму каде што можеме. Мора да ги споиме храброста која ја покажуваат докторите и медицинските сестри со емпириска наука за да почнеме да ја менуваме оваа ситуација и да ја заштитиме нашата иднина од повеќе такви закани.
- Во ова време на голем страв важно е да мислиме на долгорочните предизвици и можности за целата планета. Фотографиите од нашиот свет од вселената јасно покажуваат дека нема вистински граници на нашата сина планета. Затоа, секој од нас мора да се грижи за неа и да се труди да ги спречи климатските промени и другите деструктивни сили. Оваа пандемија служи како предупредување дека само со координирано, глобално заедничко дејствување може да се соочиме со невидената големина на предизвиците што се пред нас.
- Мора и да запомниме дека никој не е ослободен од страдање и да им пружиме раце на оние што немаат дом, ресурси или семејство кое може да ги заштити. Оваа криза ни покажува дека не сме одвоени еден од друг - дури и кога живееме разделено. Затоа, сите имаме одговорност да покажеме сочувство и да помогнеме.
- Како будист, верувам во принципот на непостојаност. По некое време
вирусот ќе помине бидејќи сум видел војни и други ужасни закани како поминале во мојот животен век, и ќе имаме можност да ја изградиме нашата глобална заедница како што сме направиле многу пати претходно. Искрено верувам дека секој може да остане на безбедно и да биде смирен. Во ова време на несигурност важно е да не изгубиме надеж и верба во конструктивните напори што ги прават многумина.
Извор:
time.com