Клубот „Титус Флавиус Орестес“ од Правниот факултет учествуваше на натпревар за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права
Клубот „Титус Флавиус Орестес“ од Правниот факултет учествуваше на VII Moot Court натпревар за симулации на процеси пред Европскиот суд за човекови права „Бранко Маринковиќ“, кој се одржа на Правниот факултет во Ниш (5.4-7.4.2024).
Во конкуренција на правни факултети од Северна Македонија и Србија, нашиот тим го освои четвртото место и посебната награда "Rising Star".
Тимот работеше под менторство на вон. проф. д-р Ангелина Станојоска, а оваа година го сочинуваа студентките Ангела Димовска, Христина Гарабиљевиќ и Леа Бошевска како апликант, односно Ангела Лавровска, Теона Вучева и Викторија Брдаровска како респондент.
Правниот факултет преку овој Moot Court клуб е редовен учесник на регионалните натпревари поврзани со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи уште од 2017 година и досега можност да научат многу повеќе за Конвенцијата и за механизмот за заштита на правата во неа преку Европскиот суд за човекови права имале 33 студенти кои биле учесници на овие натпревари.
- Преку учеството на ваквите натпревари, нашите студенти добиваат можност преку анализа и обработка на хипотетички случај да учат како да пребаруваат низ праксата на Судот во Стразбур (HUDOC системот), потоа како да состават правна аргументација за да го поддржат своето мислење, но и како Судот постапува во случаите на повреда на некое од загарантираните права во Конвенцијата. Сметам дека покрај клиничкото образование и практичната работа, натпреварите за симулации на судски процеси се многу важен елемент во изградбата на добриот правник. Преку нив се учи правната аргументација, но и јавното говорење и начинот како да се совлада тремата при јавен настап, брзо да се размислува и логички и точно да се одговори на прашањата на судскиот совет - рече вон. проф. д-р Ангелина Станојоска.
(Комерцијална објава)