Без милост - вака се движат казните за пребрзо возење во Германија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
При брзо возење, особено на автопат, лесно може да се случи возачот да го превиди ограничувањето на брзината или несвесно да го притисне педалот за гас. Радарите најчесто се поставени на најкритичните делници од автопатот, што ја зголемува веројатноста да бидете фатени како правите сообраќаен прекршок.
Ако ве фатат дека возите побрзо од дозволеното, обично нема веднаш да ве запрат. Наместо тоа, неколку недели по прекршокот преку пошта ќе добиете известување од надлежната служба за прекршоци.
Прекршувањето на дозволената брзина на автопат може да резултира не само со парична казна, туку и со казнени поени, а во потешки случаи и со забрана за управување со возило. Сообраќајните прописи прават разлика меѓу прекршоци сторени во населени места и оние надвор од нив, при што автопатите спаѓаат во втората категорија.
Во продолжение е прикажан преглед на актуелните казни за возачи на патнички возила според податоци од 2025 година, со напомена дека на износите им се додаваат и административни трошоци:
- За надминување на брзината до 10 километри на час, се пропишува казна од 20 евра.
- За пречекорување до 15 километри на час, казната изнесува 40 евра.
- За возење до 20 километри на час над дозволеното, казната е 60 евра.
- За возење до 25 километри на час над дозволеното, следува казна од 100 евра и еден казнен поен.
- За возење до 30 километри на час над дозволеното, казната е 150 евра и еден поен, а ако се повтори прекршокот во рок од 12 месеци, се изрекува и едномесечна забрана за управување со возило.
- За возење до 40 километри на час над дозволеното, казната е 200 евра, два поени и едномесечна забрана за управување со возило.
- За возење до 50 километри на час над дозволеното, казната изнесува 320 евра, два поени и забрана за управување со возило во траење од еден месец.
- За возење до 60 километри на час над дозволеното, казната е 480 евра, со два поени и двомесечна забрана за управување со возило.
- За возење до 70 километри на час над дозволеното, се изрекува казна од 600 евра, два поени и тримесечна забрана за управување со возило.
- За возење над 70 километри на час над дозволеното, казната изнесува 700 евра, два поени и тримесечна забрана за управување со возило. Дополнително, можно е покренување и други постапки поради тежината на прекршокот.
Важно е да се напомене дека германскиот Бундестаг не го прифати предлогот на Зелените за воведување општо ограничување од 130 километри на час на автопатите. Со тоа, останува досегашната состојба без универзално ограничување на брзината на германските автопати.
Кога станува збор за толеранција при пречекорување на брзината, многу возачи се надеваат дека таа ќе помогне да се ублажи казната. Толеранција постои, но не е многу голема. Ако брзината на возилото е под 100 километри на час, од измерената вредност се одземаат 3 километри на час. Кај брзини над 100 километри на час, се одземаат 3 отсто од измерената вредност.
На пример, ако сте возеле 200 километри на час на делница каде што е дозволено 130 километри на час, од таа бројка ќе се одземат 6 километри на час (што претставува 3 отсто), па можно е да паднете во нешто поблага казнена категорија. Сепак, дури и во таков случај, санкцијата е сериозна.
Извор:
n1info.hr
Фото: Freepik