„Библиотека на светлината“ - ротирачка скулптура што ја слави моќта на знаењето

„Библиотека на светлината“ - ротирачка скулптура што ја слави моќта на знаењето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Уметницата Ес Девлин ѝ оддава почит на моќта на знаењето со импресивна ротирачка скулптура создадена специјално за годинашното издание на „Салоне дел мобиле 2025“. Нејзиното дело, насловено „Библиотека на светлината“, е поставено во дворот на миланската галерија „Пинакотека ди Брера“, како почит кон светлината и уникатниот начин на кој библиотеките ја будат имагинацијата кај човекот.

Скулптурата има кружна форма, со пречник од 18 метри, и содржи 3.200 книги поставени на осветлени полици. Во текот на денот огледалата поставени на врвот ја пренасочуваат сончевата светлина кон историските скулптури во дворот, а навечер делото оживува: се осветлува и прикажува исечоци од текстови на екрани. Дел од читањата се снимен глас на британскиот актер Бенедикт Камбербач, како и на самата Девлин.


- Отсекогаш сум ги доживувала библиотеките како тивко, но интензивно место каде што мислите и имагинацијата се вивнуваат, додека телото, седнато, ги држи како змеј на конец. Оваа ротирачка скулптура ги отсликува врските што се создаваат, одекнувањата и асоцијациите што се случуваат во умовите на една привремена заедница на читатели - вели Девлин.

Локацијата на инсталацијата не е случајна – дворот претставува спој на три културни институции: Пинакотеката, библиотеката Ди Брера и Академијата за ликовни уметности. Во духот на темата на овогодишниот „Салоне дел мобиле“, „Мисла за човекот“, италијанската книжарница „Фелтринели“ внимателно ги одбрала и донирала сите книги на полиците. Исто така, посетителите ќе можат да дадат свој придонес во овој колективен чин на учење со тоа што ќе остават свои книги, кои подоцна ќе станат дел од библиотечниот фонд на Милано.

 
- Библиотека на светлината е славење на знаењето во неговата најжива форма - како движење од човек на човек, како поттик за раст и развој, и личен и колективен. Книгите се во срцето на нашето секојдневие: ни овозможуваат да се менуваме, да напредуваме, да создаваме и да се поврзуваме меѓу себе. За оваа инсталација избравме дела од поезија, есеистика и белетристика - книги што се неопходни за да го разбереме сегашното време и да го изградиме идното - вели Александра Кара, извршна директорка на „Фелтринели“.

Во текот на двете недели додека ќе биде поставена, скулптурата на Девлин ќе прерасне и во сцена за културни настани. Тука ќе се одржуваат разговори и предавања на теми како традицијата на ткаењето или одговорноста на креативците кон човештвото. Така, од првичната идеја до нејзината целосна реализација, „Библиотеката на светлината“ претставува вистинска прослава на знаењето.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Esdevlin.com