Дали би волонтирале на годишниот одмор? Фиџи ги повикува туристите да направат нешто добро наместо само да лежат на плажа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сите веќе го познаваат поимот „happy hour“. Во буквален превод значи„среќен/радосен час“ односно време кога во рестораните, кафулињата и продавниците можете да купувате по многу поволни цени.
Но, дали сте слушнале за „Loloma hour“ односно „Лолома час“? Овој термин го воведе Република Фиџи, островска држава во Океанија, која се наоѓа во Јужниот Тихи Океан, околу 2.000 километри од Северниот остров на Нов Зеланд. Лолома е фиџиска збор за великодушност водена од љубов, а новата програма на овој тропски бисер со магична природа ги повикува посетителите да помогнат во заштита на островот.
Наместо само да уживаат на плажите, туристите можат да учествуваат во активности како што се садење дрвја, чистење на плажите, грижа за коралите или учење традиционални вештини со локалното население, Фиџи сака туристите своето патување да го направат што поодржливо.
Оваа иницијатива има цел да ги поттикне туристите да искористат барем еден час од својот одмор за да придонесат за зачувување на природата и културното наследство на овој тропски рај.
Програмата, која започнала во неколку еколошки ориентирани хотели и одморалишта, е дел од пошироката стратегија на Фиџи за одржлив туризам.
Гостите имаат можност да учествуваат во разни активности како прошетка во природа, безбедно нуркање покрај корални гребени или создавање традиционални ракотворби. Сето тоа е со цел да се остави овој прекрасен остров подобар отколку што беше.
„Лолома час“ веќе се спроведува во 21 објект низ Фиџи и има цел да собере најмалку 5.000 волонтерски часа оваа година. Оваа иницијатива е важен дел од напорите за справување со климатските промени, кои најмногу го погодуваат овој регион, и претставува начин на кој туризмот може да стане двигател на позитивни промени за целата земја.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото:
Instagram