„Добив честитки од британски и германски станици од кои некои не ни знаеја каде е Македонија“, вели проф. Дејан Трајковски за првиот пренос со дигитална аматерска телевизија преку катарскиот сателит
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
По почетниот успех, Трајковски продолжува со надградба на станицата, со цел да биде една од посилните во светот.
Македонија се впиша на листата со земји кои емитуваат и примаат дигитална телевизија преку катарскиот сателит Es’Hail QO-100, кој се наоѓа во геостационарна орбита на околу 38.000 km од Македонија. Ова е постигнување на еминентниот проф. д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.
Тој го направи првиот пренос преку сателит на видео и аудиоматеријал со дигитална аматерска телевизија DATV (ДАТВ) од Македонија. На инсертот е прикажано искачување на Монт Еверест со дрон чие оригиналното видео во ХД- верзија се наоѓа на „Јутјуб“ под наслов „29,000 Feet Up Mount Everest with DJI Mavic 3 Pro" (29.000 стапки над Монт Еверест со ДЈЛ мавик 3 про), придружувано со мелодијата „Оксижен 2“ од Жан Мишел Жар, сопственост на Sony Music Entertainment – SME.
Ова ретко се случува на Балканот
- Ова техничко достигнување не е мало ако се земе предвид дека досега на Балканот немало ваква активност од Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Бугарија и Албанија. Во Словенија има 3 активни станици, во Романија само една, а во Грција дури 11 станици. Повеќе од 90 отсто од активноста е од Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија. Дури и од Шведска има само една единствена DATV (ДАТВ) станица - вели професорот Трајковски.
Ваквото постигнување е промоција на државата во светските научните кругови кои се занимаваат со сателитски преноси. По приемот на сигналите испратени кон сателитот, Трајковски добил потврда за приемот и честитки уште од неколку британски и германски станици од кои некои не знаеле ни каде е Македонија.
Единствена телевизија во Македонија со уред за испраќање сигнали кон сателитот
- Слушнав дека мојата станица е единствената што има аплинк (наменет за испраќање сигнали кон сателитот) не само од аматерските, туку и од професионалните, односно комерцијалните телевизиски станици во Македонија. Не сум сигурен за Македонската радио-телевизија, но приватните телевизии вршат пренос само преку интернет до земната сателитска станица во Бугарија, која потоа преку аплинк емитува кон сателитот на Total TV (Тотал ТВ) - вели професорот.
Трајковски не дошол преку ноќ до ова достигнување, туку преку постепено проширување и надградување на станицата за овој широкопојасен вид на емисија. Тој со теснопојасните емисии (CW - немодулирана телеграфија, SSB телефонија и дигиталниот начин FT8) работи повеќе од две години. Последното проширување што го направил било зголемување на излезната моќност на предавателот за 2,4 GHz (S-Band) на 15 W и самоградбата на хардверски рисивер (сет топ бокс) за прием и демодулирање на сигналите што доаѓаат од сателитот на 10,5 GHz (X-Band). Инсталациите за дигитална сателитска телевизија не се едноставни, а станицата на професорот е Z31RQ.
Во иднина уште посилен сигнал
По почетниот успех, Трајковски ќе продолжи со надградба на станицата, со цел да биде една од посилните во светот.
- Новата параболична антена има дијаметар од 155 сантиметри, а новиот излезен степен ќе има моќност од 100 W (50 dBm). Посилниот сигнал ќе овозможи поширокопојасен сигнал, а со тоа побрз проток на податоци, подобра резолуција на сликата и поголем број слики во секунда - вели Трајковски.
Фото: приватна архива