Отворена најголемата фабрика за рециклирање батерии во Европа

Отворена најголемата фабрика за рециклирање батерии во Европа

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Швајцарската компанија „Либатион“, која е специјализирана за големи системи за складирање енергија, направени од искористени батерии на електрични возила, го отвори најголемиот производствен капацитет за рециклирање батерии во Европа, во Биберист.

Новата локација е дизајнирана за годишен капацитет од 500 MWh до 2026 година, со потенцијал да се зголеми до 1 GWh. Со оваа експанзија „Либатион“ има цел да ја намали зависноста од увезените суровини, да ја зајакне енергетската безбедност на Европа преку локално производство и да ја задоволи растечката побарувачка за системи за складирање енергија.

Објектот од 7.000 квадратни метри се потпира на висок степен на автоматизација, што овозможува производство на батерии од големи размери. Јасен тренд на раст е веќе видлив: 7 MWh биле произведени во 2022 година, 12 MWh во 2023 година и 27 MWh во 2024 година. Модуларните системи за складирање имаат капацитет од 97 kWh до 60 MWh. Производното место се наоѓа во истите простории како и швајцарската компанија за рециклирање батерии „Либрек“.

- Побарувачката за решенија за складирање енергија продолжува да расте, а повторната употреба на EV батерии како стационарни единици за складирање енергија отклучува огромен потенцијал за европскиот пазар за складирање. Нашата нова производствена хала ни овозможува флексибилно да одговориме на барањата на пазарот, истовремено давајќи значаен придонес во зачувувањето на ресурсите во Европа. Благодарение на автоматизацијата, можеме да работиме не само ефикасно, туку и економично и прецизно да ги мериме нашите капацитети за да ја задоволиме побарувачката - истакнал Стефан Бахамонд, извршен директор и коосновач на „Либатион“.

Секоја батерија поминува низ процес на темелна проверка. Повеќеслојните безбедносни системи и континуираното следење во текот на животниот циклус на батеријата обезбедуваат сигурна и безбедна работа.

- Безбедноста е најважна во нашите системи. Преку автоматско производство и строги контроли на квалитетот, можеме да гарантираме највисоки безбедносни стандарди за секоја единица за складирање - додал Бахамонд.

Извор: m.vidi.hr

Фото: Renewable energy magazine/Freepik