Светлина, зеленило и водопади - дали ова е најмагичниот аеродром на светот?

Светлина, зеленило и водопади - дали ова е најмагичниот аеродром на светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За многумина, аеродромот не е само премин од едно место до друго: тој е вовед во авантурата што следува. Некои се функционални, некои ултрамодерни, но ретко кој остава без здив уште на прв поглед.

Аеродром кој важи за еден од најубавите во светот не се наоѓа во Сингапур или Дубаи, туку во Индија.

Станува збор за меѓународниот аеродром „Кемпегоуда“ во градот Бенгалуру, поточно за неговиот нов терминал 2, отворен на почетокот на 2023 година.

Аеродром што изгледа како ботаничка градина


Овој импресивен терминал, познат како „Tерминал на градината“, повеќе личи на футуристички екопарк отколку на место каде што патниците чекаат летови.

 
Внатрешноста е вистинска зелена оаза: висечки растенија, вертикални градини, па дури и внатрешен водопад создаваат амбиент што изгледа нереално. Огромните стаклени ѕидови овозможуваат изобилство на природна светлина, а просторот за чекање зрачи со спокој, удобност и свежина – сосема спротивно од сликата што ја имаме за аеродромите преполни со луѓе.

Дизајнот на терминалот е дело на познатото архитектонско студио „Скидмор, оуингс & Мерил“ од Чикаго.

Инспирирани од прекарот на Бенгалуру, „Град на градините“, архитектите создале простор што не само што изгледа спектакуларно, туку и ги следи принципите на одржлив развој.

Терминалот може да прими 25 милиони патници годишно, но во тек е втората фаза од проширувањето, со што до 2028 година капацитетот ќе достигне 45 милиони патници.

Патниците што минуваат низ овој терминал често застануваат да фотографираат, не само поради неговата убавина, туку и поради чувството што го создава просторот.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Instagram