Големите градови губат и по сто првачиња, а во паралелките во руралните општини учениците се бројат на една рака
Речиси во сите општини каде што има етничко македонско население бројот на основци бележи драстично намалување, па општинските совети мора да даваат согласност да се оформуваат паралелки со помал број од законски дозволениот.
За една деценија Битола, која според последниот попис е трета општина по број на население во државата, изгубила повеќе од сто првачиња. Од локалната самоуправа ни соопштија дека во учебната 2023/2024 година во училишните клупи има 765 првачиња, што е за 98 помалку од пред десет години, односно во учебната 2013/2014 година кога биле 863. Но, уште попоразителен е фактот дека годинава според списокот што МВР го достави до Општина Битола требаше да има 950 првачиња. Остануваат претпоставките дека 185 што не се запишале најверојатно се иселени. Општинската статистика покажува дека училиштата во градот бројат 7.477 основци, што е за 112 помалку од пред десет години кога биле 7.589.
Ученици си заминуваат и среде учебна година
Битола е град со печалбарско минато, кое се повторува во последните години со драстично иселување на цели семејства во европските држави.
- Среде учебна година добив известување дека тројца од учениците во одделението се отпишуваат од училиштето и заминуваат со нивните родители во странство. Претходно одделението броеше 15 ученици, односно беше под законскиот минимум, а сега се 12. Ваквите бројки навистина нѐ загрижуваат. Кога јас учев, во деведесеттите години, во прво одделение имавме по шест паралелки, а сега се три - вели учителка од Битола.
За да не се затвораат паралелки, а со тоа да згаснуваат училишта, осма година по ред Советот на Општина Битола по барање на школите дава согласност да се формираат паралелки со помалку ученици од законски дозволениот минимум, кој е 24. Така, во строгиот центар на градот има паралелки со 8, 10 или 11 ученици.
Од Општината велат дека преземаат мерки за да им помогнат на родителите кои имаат првачиња давајќи им по 3.000 денари еднократна помош. Секоја година парично ги наградуваат талентираните ученици кои освоиле награди на државни и меѓународни натпревари. Воедно, вложуваат средства за подобрување на условите во училиштата.
Речиси и да нема општина во државата каде што претежно живее македонско население, а да не се празнат училиштата. Во Струмица има за 126 првачиња помалку од лани, а во Охрид 94.
Подрачни училишта се ставаат во мирување
Уште полоша е состојбата во руралните средини. Пред две години во ОУ „Александар Турунџиев“ во Кукуречани, Битолско, имаше паралелка со пет ученици, друга со осум, па со десет, а во „Крсте Петков-Мисирков“ во Бистрица и со четири ученици во второ одделение, па со седум во трето, со девет во четврто… Има села каде што настава се изведува во комбинирани паралелки со многу мал број ученици. Во 2021 година во Логоварди имаше паралелка со четири ученици, во Драгожани пет, Лисолај осум, во Олевени двајца, Барашани тројца. А во Кишава, битолско село каде што се изведува настава на албански јазик, имаше паралелки и со 17 ученици.
Намалениот наталитет и иселувањето толку го намалија бројот на ученици што во одредени рурални општини во мирување се ставаат подрачните училишта. Таков е случајот со пелагониската Општина Новаци, која по површина е една од најголемите во Македонија, но најретко населена. Таму оваа учебна година беше ставено во мирување едно подрачно училиште поради намалениот број на ученици.
- Во учебната 2013/2014 година беа запишани 33 првачиња, а вкупниот број на основци изнесуваше 230 ученици. Училиштето беше составено од 1 централно и 8 подрачни училишта. Во учебната 2023/2024 година се запишани 11 првачиња, а вкупниот број на основци изнесува 194. Училиштето сега има 1 централно и 7 подрачни училишта, односно едно помалку - соопштија од Општина Новаци.
Оттаму додаваат дека континуирано вложуваат и ги подобруваат условите во училиштата со набавка на смарт и други табли, телевизори за секоја училница, обнова на санитарните јазли. Во 2024 година за запишано прваче градоначалникот доделува по 10.000 денари, се наградуваат сите ученици и ментори кои ќе освојат регионална или државна награда. Првпат оваа година обезбеден е оброк за секој ученик во централното и во подрачните училишта.
- Градоначалникот и Општината ќе продолжат да ги подобруваат условите и во следниот период со цел да се задржат учениците во Општина Новаци - велат општинските власти.
За 10 години си заминале Македонци колку еден поголем град
И официјалните податоци на Државниот завод за статистика објавени на крајот од март годинава покажуваат тенденција на празнење на основните училишта во државата. Така, на почетокот на учебната 2023/2024 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 182.124, што претставува намалување за 1,6% во споредба со претходната учебна година. Според ДЗС, во Македонија на почетокот на учебнава година имало 955 основни училишта (едно помалку од лани) со 11.103 паралелки (13 помалку од лани) и 18.831 наставник (219 помалку од лани).
Трендот на иселување се должи на потрагата по подобри работни места и услови, можности за напредок, образование и квалификации, европски стандарди, правна држава... Во публикацијата „Миграциите во РС Македонија - профил на земјата 2021 година“ на Државниот завод за статистика се посочува податок на Евростат дека бројот на државјани на Македонија што престојуваат во европските земји на прием е зголемен од 229.366 во 2010 г. на 299.506 лица во 2020 година, или за околу 70.000.
Освен тоа, во овие податоци за вкупниот број македонски државјани не се вклучени оние што во европските земји престојуваат со бугарски пасоши.