Златни дипломи на првите дипломирани електроинженери на Технички факултет, денешен ФЕИТ
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) додели 60-тина Златни дипломи на првите студенти кои дипломирале пред 50-тина години на тогашниот Технички факултет, отсек електро. Денес беа доделени дипломи на студентите кои дипломирале меѓу 1964-1969 година.
Професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, потсети дека на 19 јуни 1959 година, пред точно 60 години, е донесен Законот за основање електро-машински и технолошки оддел на Техничкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со ова почнуваат студиите по електротехника, односно негувањето и развојот на електротехнички науки.
- Ова е генерацијата - темел на она што денес претставува Факултетот за електротехника и информациски технологии.... Како Факултет не смееме и не сакаме да го заборавиме она што го направиле нашите претходници. Затоа одлучивме да го крунисаме и признаеме тоа со доделување Златна диплома на сите студенти кои дипломирале пред повеќе од 5 децении - порача Ташковски.
Тој додаде дека „врз основа на воспоставените пракси на нашите претходници кои го градеа Факултетот во изминатите 50 години, пред 5 години го воведовме ISO 9001 стандардот во нашата работа. Многу сме горди што може да кажеме дека сме единствениот факултет со стандард ISO 9001-2008 во сите области на делување – наука, соработка со стопанството, настава и администрација“.
Професор д-р Софија Богданова, во име на сите студенти ги поздрави добитниците .
- Во наше време се студираше долго, занаетот сериозно се печеше. Немаше високи просеци и доколку некој добиеше десетка, тогаш цело корзо само за тоа зборуваше. Немаше колоквиуми, Бољона, кредит-трансфер систем, туку се полагаа сериозни испити. Најголем дел од нив беа двосеместрални. Ги читавме книгите верувајќи дека меѓу тие две корици го има сето знаење на светот. И денес кога седнавме во школските клупи се сетивме на деновите што ги минавме овде. Навираат спомените и се враќаме назад во дамнешните години кога бевме студенти. Имавме сон, имавме идеали и секој од нас го реализираше сонот бидејќи добивавме вработување веднаш по дипломирањето – рече таа.
Пред околу 50-тина години, на тогашниот електро-машински факултет, своето образование успешно го завршила првата генерација електроинженери. Во генерацијата 1959/60, на електромашинскиот оддел при Техничкиот факултет се запишани 128 студенти, од кои 48 на електротехничкиот оддел. Од нив, во 1963 апсолвираат 30 студенти.