Адеми објасни зошто преку ноќ го смениле конкурсот за Математичко-информатичката гимназија
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Како што лани ги смениле условите за запишување во средните училишта, така и годинава е изменет конкурсот за запишување во новата Математичко-информатичка гимназија, која треба да почне со работа од септември, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. МОН вчера го смени конкурсот, па наместо два, ќе бидат формирани три класа во првата генерација на новата гимназија.
- Ова не го правиме првпат. И лани им излеговме во пресрет на учениците во гимназиите и стручните училишта каде што имаше зголемен интерес. Така и годинава одлучивме да ја следиме праксата поради зголемениот интерес на децата, да може да се запишат повеќе ученици - рече Адеми.
На прашањето дали стартот на новата институција со толку малку класови повеќе личи на пилот-програма отколку на институција формирана со посебен Закон која се најавува веќе неколку години, Адеми рече:
- Не е пилот-проект. Намерата е да има повеќе паралелки и да се развива во рамките на нашите политики кои имаат инклузивен процес. Не размислуваме само за квантитет, туку водиме сметка и за квалитетот на оваа институција. Не правиме ништо надвор од Законот - рече Адеми.