„Фејсбук“ најави опција за блокирање на сите политички реклами

„Фејсбук“ најави опција за блокирање на сите политички реклами

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со месеци компанијата „Фејсбук“ се соочува со критики поради покажувањето на политичките реклами на својата мрежа, дури и таквите во кои има лага и пропаганда.

Во обид да ги смени нештата, компанијата вели дека ќе им дозволи на корисниците во САД да одберат да не гледаат реклами за општествени проблеми, избори или политика од политички кандидати или партии на „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Оваа опција прво ќе биде достапна за мала група корисници, а во следните недели ќе ја имаат сите во САД. Потоа ќе биде достапна во повеќе земји.

- Секој сака политичарите да бидат одговорни за она што го кажале и знам дека многу луѓе сакаат да модерираме и отстрануваме повеќе од ваквите содржини - напишал Марк Закерберг, извршен директор на „Фејсбук“.


Фото: Pexels

Потегот ѝ овозможува на компанијата да остане на двете страни од комплицираната дебата за улогата на политичкото рекламирање на социјалните мрежи, особено пред претстојните претседателски избори во САД. Со новата опција „Фејсбук“ ќе продолжи да им дозволува на политичарите да се рекламираат на мрежата, но наоѓа и начин да го намали влијанието на тие реклами.


Фото: Pexels

Закерберг претходно изјавувал дека „Фејсбук“ нема да ги ограничува политичките реклами бидејќи со тоа го ограничува говорот на кандидатите, особено на оние што немаат многу финансии за големи и скапи кампањи. Меѓутоа, многу критичари велат дека овој пристап на компанијата има опасни последици бидејќи се овозможува ширење на лажните вести.

Во јануари компанијата изјави дека ќе им дозволи на корисниците да одберат да гледаат помалку политички реклами. Со новата опција тие може воопшто да не гледаат вакви реклами.

Автор: Мајк Ајсек
Извор: nytimes.com