Ефектите од Ковид-19 врз мозокот што ги забележуваат пациентите

Ефектите од Ковид-19 врз мозокот што ги забележуваат пациентите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пандемијата на коронавирусот трае веќе шест месеци, а ние сè уште учиме за болеста која ја предизвикува, Ковид-19. Постојат извештаи за мозочни болести кои се појавуваат кај луѓето што биле заразени со коронавирусот.

Но, клучната работа што ја заклучуваат докторите е дека сериозноста на симптомите секогаш не одговара на сериозноста на потенцијалните невролошки компликации. Тоа значи дека слабите симптоми не се гаранција дека може да се развијат посериозни компликации поврзани со мозокот.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за мозокот и нервите, се чини дека вирусот има различни влијанија кои може да се поделат во групи. Во првата група тој предизвикува состојба на збунетост или делириум, што понекогаш се јавува заедно со психоза и проблеми со меморијата. Во втората група вирусот предизвикува воспаление на мозокот и се јавува заедно со ефекти од ниско ниво на кислород во мозокот.

Потоа вирусот може да предизвика згрутчување на крвта, што може да доведе до мозочен удар, а ова може да се јави и кај помлади пациенти. Конечно, вирусот може да ги оштети нервите во организмот и да предизвика болка или вкочанетост.

Овие ефекти се забележани насекаде низ светот. Некои може да бидат фатални, а некои имаат долготрајни последици. Дали ова значи дека Ковид-19 може да се поврзе со споменатите мозочни состојби? Во оваа фаза е тешко да се заклучи. Она што се знае досега е дека некои луѓе со Ковид-19 се чувствуваат збунети и дезориентирани, но во многу случаи ова трае кратко.


Фото: Pixabay

Сепак, не се знаат долготрајните ефекти на делириумот предизвикан од болеста и шансите за потенцијални проблеми со долготрајната меморија или деменција. Делириумот досега се истражувал кај постарите лице и во оваа група тој се поврзува со забрзан когнитивен пад.

Вирусот може и директно да влијае врз мозокот, иако повеќето од физичките ефекти што се забележани кај пациентите изгледаат како второстепени влијанија на вирусот, а не директни ефекти на зараза. На пример, нашиот имунолошки систем може да се бори со вирусот, но може да започне да ги напаѓа и сопствените клетки, како мозочните клетки и нервите.

Кај некои пациенти вирусот предизвикува и згрутчување на крвта, со што се спречува циркулацијата на крв и кислород до мозокот. Некои од овие пациенти веќе имале состојби со кои им е зголемен ризикот за мозочен удар. Постојат и пациенти кај кои вирусот предизвикува воспаление или оштетување на нервните завршетоци, па се доведува до вкочанетост и болки, како и слабост и парализа.


Фото: Pixabay

Овие ефекти на мозокот и нервниот систем имаат потенцијал за долготрајно оштетување. Но сè уште не знаеме сè за болеста, па тешко е да се направат точни процени за ефектите.

Пандемијата на грип во 1918 убила 50-100 милиони луѓе, односно еден на секои 50 заразени. Тоа е 3-6 пати повеќе од жртвите во Првата светска војна. Ретко се споменува дека оваа пандемија била поврзана со епидемија на мозочна болест наречена „спиечка болест“. Сепак, дури и оваа поврзаност не може да се докаже бидејќи таа се појавила пред пандемијата на грип и продолжила долго по неа. Посмртните анализи на починатите од болеста покажале дека пациентите имале воспаленија и оштетувања во различни делови од мозокот.

Автор: Мајкл Зенди
Извор: weforum.org