МОН го објави Конкурсот за прием на студенти во студентски домови

МОН го објави Конкурсот за прием на студенти во студентски домови

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови за студиската 2022/2023 година.

Според конкурсот, најмногу места годинава има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, каде што се слободни 1.186 легла, по што следува студентскиот дом „Пелагонија“ со 997 слободни легла, па „Стив Наумов“ со 739 слободни легла и последен од скопските студентски домови е „Томе Стефановски - Сениќ“ со 370 слободни легла.

Од студентските домови во внатрешноста на земјата најмногу легла се слободни во „Кочо Рацин“ во Битола - вкупно 385 и во студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп - вкупно 335.

Во конкурсот е наведено дека право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење:
- помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година;
- осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и
- над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години;

Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи во Македонија, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и сл. и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично.

Немаат право на прием студентите:
1. кои го нарушиле куќниот ред во домот и за што им е изречена воспитна мерка забрана за користење на услугите на домот, за време определено во изречената воспитна мерка,
2. запишани по втор пат како апсолвенти,
3. кои не ги подмириле обврските за сместување кон домовите повеќе од еден месец,
4. запишани на постдипломски студии.

- Студентите што се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-страницата http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 18.7.2022 година и трае до 5.8.2022 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 5.9.2022 година и трае до 16.9.2022 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2022 година - се наведува во конкурсот.

Во него се додава дека конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави на 5.9.2022 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на страницата на Министерството. Приговори по резултатите се доставуваат електронски на е-адресата: studentski.smestuvanja@mon.gov.mk во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 30.9.2022 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на страницата на Министерството. Приговор по однос на резултатите може да се достави електронски на е-адресата: studentski.smestuvanja@mon.gov.mk во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Целиот конкурс можете да го прочитате ТУКА и да си ги преземете потребните документи за конкурирање.