Турција на македонски си останува Турција
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Неодамна Обединетите нации го усвоија официјалното барање на Анкара - државата Турција да биде преименувана во Türkiye. Тоа предизвика дилема во медиумите при транскрибирањето на македонски јазик, односно дали името на државата останува Труција или се менува во Туркије.
Дури и на страницата на Амбасадата на Турција во Македонија името на земјата некаде е напишано Турција, а некаде Туркије.
Со цел да ја разрешиме дилемата, побаравме став од претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, кој за Факултети.мк вели дека името на државата Турција останува исто на македонски јазик.
- Ние си имаме наша транскрипција. На пример, не велиме Финланд, туку Финска, не велиме Дојчланд, туку Германија, не велиме Шќиперија, туку Албанија. Или, на пример, кај нас не е Београд, туку Белград. Во ред би било ако се пишува од влада до влада да стои и новото име во заграда, но за наша домашна употреба останува исто - Турција, а со тоа и изведенките си остануваат исти - објасни професорот.
Тоа значи дека си останува турски јазик, Турчин, Турчинка, Турци итн.
На почетокот од годинава канцеларијата на претседателот на Република Турција започна со кампањата наречена „Здраво, Туркије“ со цел поефективно да се прогласи националната и меѓународната употреба на новото име на земјата.
Исто така, главната проблематика околу името на Турција беше тоа што при пишувањето на името на државата на англиски јазик - Turkey често беше поистоветувана со птицата мисирка.
Една во низата проблематики што ги предизвика името на Турција беше презентирано и на турската државна телевизија - ТРТ, која ја напомена погрешната конотација на името на англиски јазик, наведувајќи дека се однесува на „голема птица што потекнува од Северна Америка“.